| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на „Круша во мед“ од Маре Цесник во „Магор“

Утревечер со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата Магор ќе се одржи промоцијата на книгата „Круша во мед“ од современиот словенечки писател Маре Цесник. На промоцијата, на која ќе биде присутен и авторот, промотивна реч ќе одржи проф. д-р Амалија Јовановиќ, а ќе биде претставен и текстот на Аленка Кожељ, кој всушност е поговор во словенечкото издание на книгата. Во рамки на промоцијата ќе настапи и хорот што работи при словенечкото здружение „Франце Прешерн“ од Скопје, под раководство на маестро Томислав Шопов.

„Круша во мед“ е приказна за љубовен триаголник, во кој се вплетени еден машки и еден женски лик (именувани како Таа и Тој) и Македонија. Станува збор за комбинација на литературен патопис и љубовна приказна за двајца луѓе кои се наоѓаат во вистински момент на вистинско место. Десетте глави на книгата хронолошки ги следат десетте дена во кои протагонистите ја восприемаат земјата во која допатувале и во која ја развиваат својата љубовна врска. Во романот, Македонија не е само место каде што се одвиваат настаните, туку спој преку кој протагонистите меѓусебно се прифаќаат и се запознаваат еден со друг. Сепак, „Круша во мед“ не донесува идеализиран поглед ниту на земјата ниту на љубовниот однос меѓу мажот и жената, но ја нагласува можноста за доживување на вистинската среќа и предаденоста во љубовта. Во својата најнова книга Маре Цестник повторно се докажува како умешен раскажувач и префинет стилист, кој успешно ги усогласува поетичното и реалното, лиричното и еротично, острината на погледот и критичноста без морализирање. Неговиот хумор е разигран. „Круша во мед“ е особено интересна за македонскиот читател, бидејќи ги претставува погледот и перцепцијата на странецот, кој оваа земја и нејзините луѓе искрено ги сака и ја чувствува словенска сродност. Книгата во Словенија ја објави издавачка куќа „еБеседе“.

Маре Цестник е роден 1962 година во Целје, Словенија. Тој е писател, уредник, преведувач и публицист. По завршување на гимназијата четири години работел како морнар, а потоа се посветил на пишувањето. Неговиот животен стил претставува комбинација на книжевно творештво, сезонски вработувања и патувања, што се отсликува во неговиот литературен одраз и дејствување. Меѓу другото ги водел и бил уредник на две литературни списанија, а се занимава и со книжевна критика. Неговиот книжевен опус ги опфаќа литературните патописи Hiša za goste („Куќа за гости“), Nasmej se mi s poševnimi očmi („Насмевни ми се со косите очи“), Samotarjeva oblačila („Облеката на самотникот“), Motnje v raju („Пречки во рајот“), Sadeži hoje („Плодовитеод одењето“), кратката проза Praznovanje korakov („Празнување на чекорите“), Odstranitev glavne junakinje („Отстранување на главната хероина“), Brezmejne bližine („Безгранични блискости“), Postaja („Станица“), романите „Маја“ и Hruška v medu („Круша во мед“), како и расказот за деца Stopinje po mačje („Стапалки по мачешки“). Во своето книжевно творештво најмногу се занимава со феномените на патувањата, љубовните односи, здравиот однос кон природата, како и со критички однос кон општеството. Неговото пишување е стилски богато и поетично, проникнато со благ еротизам , како и со хумор без морализирање. Не е член на ниедно друштво или сојуз и настојува да го сочува слободниот и едноставен начин на живеење. Живее и твори во селото Стржишче во Алпскиот предел на Словенија, а по духот е космополит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top