Опозицијата, предводена од СДСМ и Зоран Заев, доживеа вистински дебакл на предвремените парламентарни избори одржани вчера, претрпувајќи пораз од 200.000 гласа разлика.
Според обработените 99,97 отсто од гласовите, информациите објавени нa веб-сајтот на Државната изборна комисија покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат освоено 481.289 гласа, додека СДСМ и коалицијата 283.930 гласа, што претставува разлика од речиси 200.000 гласа во корист на владејачката партија.
Вчерашниот изборен резултат на најголемата опозициска партија покажува дека Зоран Заев и СДСМ имаат речиси 100.000 гласа помалку во однос на претходните рзултати на партијата предводена од Бранко Црвенковски во 2011 година, кога социјалдемократите освоија речиси 370.000 гласа.
Воедно, овој пораз на Заев и Шекеринска од 200.000 гласа е втор најголем за социјалдемократите на парламентарни избори, по оној во 2008 година, кога СДСМ предводен од Шекеринска загуби со речиси 250.000 гласа разлика.
Премиерот Никола Груевски во синоќешното обраќање рече дека вчера победил концептот на неуморно работење, на искрениот пристап кон народот.
– На овие избори победи концептот на неуморно работење, концептот на држење до дадениот збор, победи концептот што претставува одговорен пристап кон работата, обврските и ветувањата, концептот на посветеност, на искрен пристап кон народот, концепт на обмислени и добро пресметани ветувања и реализација на ветеното. Победи концептот на конкретни ветувања, концептот кој покажа грижа за сите граѓани, за создавање услови за отворање нови работни места во Република Македонија, и тоа во тешки времиња. Победи концептот за привлекување странски инвеститори и на помагање на домашните инвеститори за отворање нови работни места, победи концептот на создавање дела, на градење силна инфраструктура низ целата држава, независно дали е патна, железничка или каква било, концептот на решавање многу проблеми кои ги оптоваруваат граѓаните. Победи концептот на ниски даноци и ниски давачки, на сигурни и континуирани инвестиции во образованието, во здравството, на инвестиции на зајакнување на земјоделството и поддршка на македонскиот земјоделец. Победи концептот на сигурна и неселективна борба против криминалот и корупцијата во Македонија, на постојано зајакнување на правниот и правосудниот систем и владеење на правото, на администрацијата и нејзино сѐ посилно ставање во функција на народот. Победи концептот кој Македонија недвосмислено ја движи кон ЕУ и НАТО, но и концептот и опцијата која ги штити државните и националните интереси на Република Македонија, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Со убедливата победа, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на предвремените парламентарни избори освоија 61 пратеник. Опозициската СДСМ 34, ДУИ 19, ДПА 7, а по едно пратеничко место во идниот собраниски состав ќе имаат ГРОМ и НДП.
Фото: Република
Извор: Курир
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.