Николче Новески е една од најубавите македонски спортски приказни, модел за скромен и тивок човек во приватниот живот и вистински воин на игралиштата во Германија, и тоа во најквалитетниот ранг – во Бундеслигата.
Цврст македонски панцир меѓу Германците и стотината квалитетни фудбалери од сите континенти кои настапуваат во едно од петте најдобри првенства во Европа. Бундеслигата нуди неверојатно добар и атрактивен фудбал и тешко е да се биде дел од магичното фудбалско натпреварување кое со децении е во врвот на светскиот фудбал.
Новески веќе цела деценија, од 2004 година, е член на фудбалскиот клуб Мајнц, а моментно е и капитен на бундеслигашот и го предводи во трката за настап на европската сцена.
Признание од лутиот ривал Ајнтрахт Франкфурт
Столб и командант на одбраната на тимот од Мајнц, за кој во Германија и соиграчите, но и противниците говорат само со суперлативи.
– Николче е еден од најдобрите дефанзивци во лигата, а дуелите против него и Мајнц се со посебен шарм за сите нас од Ајнтрахт Франкфурт. Тоа е големо дерби во регионот и се надевам дека ќе ги поразиме и капитенот на Мајнц и неговите соиграчи – изјави Алекс Мајер, моторот на екипата на Ајнтрахт Франкфурт, пред локалното дерби на Рајна.
Двата лути ривали што учествуваат во една од најзначајните фудбалски пресметки во Германија си поделија по една победа во тековното првенство, а Новески беше меѓу најдобрите поединци на двата дуела.
– Тоа се посебни дуели, со специјално значење, и за нас играчите и за навивачите. Кога играме против Ајнтрахт, веднаш се чувствува дека се работи за посебен престиж, за натпревар што не смее да се загуби, на кој е важно да излезете како победник. Среќен сум во Мајнц и се надевам дека на крајот ќе се избориме за настап во европските купови – вели Новески.
Мајнц на три рунди до крајот на германскиот шампионат се наоѓа на седмата позиција со 47 бода, што е доволно за настап во квалификациите за Лигата на Европа. Новески и соиграчите имаат солидни 4 бода предност пред главниот конкурент Аугсбург. Пласман на европската сцена е рамно на чудо за Мајнц, екипа од која речиси никој во Германија не очекуваше висок пласман. Но, предводени од капитенот Новески, клубот што е релативно мал во споредба со гигантите Баерн, Шалке, двете Борусии, Штутгарт, Хамбургер…. сигурно чекори кон впечатлив резултат и успех. Пласман во Лигата на Европа би бил вистински подарок за навивачите на Мајнц и за клубот што следната година ќе прослави 110 години постоење.
Капитенската лента во Бундеслигата потврда за квалитет
Сепак, Мајнц има капитен Македонец, странец што со одлични игри се наметна да биде предводник на тимот од најквалитетната германска лига, Бундеслигата. Признание што е од огромно значење и ретко достижно и за фудбалери од светска класа. Новески е капитен на бундеслигаш, достигнување што го заслужи со квалитет, со борбеност, со чесен однос кон играта, со огромна посветеност и љубов. Кога во 2004 година од второлигашот Ауе се префрли во Мајнц, ретко кој очекуваше ваков подем и на клубот и на самиот Новески. Битолчанецот настапуваше во Втората германска лига цели 5 сезони со Мајнц. Чекор по чекор, од популарната Цвајта, клубот се префрли во елитата, во друштво со гигантите на светскиот фудбал. Во 2009 година беше прославен влезот во Бундеслигата и оттогаш 4 сезони по ред Мајнц е стандарден член на кремот на клупскиот фудбал во Германија.
Новески е еден од најстандардните играчи на клубот за кој одигра околу 300 натпревари. Стопер со лавовско срце, борбен до максимум, фудбалер што никогаш не се предава. Македонски шарм со германска дисциплина, издржливост, борбеност. Вистински панцир и штит на одбраната на Мајнц, негов заштитен знак цела деценија. Да се издржи во еден клуб десетина години и да се биде постојано меѓу најдобрите е привилегија само на најдобрите, најквалитетните, најупорните. А, Новески е токму од тој калибар. Почна во Пелистер во родната Битола, каде што одигра една сезона, а потоа одлучи да замине во Германија. Во 1998 година му се приклучи на својот сограѓанин Тони Мицевски во Ханза од Рошток. Токму кога Мицевски беше на заминување во Ханза, пристигна Новески. Потоа следува преселбата во Ауе, каде што играше од 2001 до 2004 година, и комплетирање на германската авантура со преселба во Мајнц.
Јунакот на маката се познава
Една народна поговорка вели дека јунакот на маката се познава, а примерот на Новески е одлична презентација за умешност како да се справите со маките. Екстремно тешко е да опстанете цела деценија во Бундеслигата на една од клучните позиции во тимот, на местото стопер, во дуели со напаѓачи од светска класа. Манџукиќ, Милер, Хунтелар, Кислинг, Левандовски во поново време и Џеко, Гомес, Клосе, Тони, Графите, Пизаро и други опасни стрелци кои во минатите сезони и години беа на мегдан со Новески. Доволно е да играте против нив, сите познати и признати имиња и врвни напаѓачи, на кои Новески успешно им се спротивставува, секако со помош на соиграчите од Мајнц. Капитенот дури успева често и да се најде во тимот на колото во Бундеслигата, подвиг што го има сторено десетици пати. Последен пат Николче беше член на идеалниот тим во германското првенство пред десетина дена кога одигра извонредно против Вердер. Мајнц победи со 3-0, Новески заслужи место меѓу избраните 11, а неговиот клуб ја продолжува трката по пробив на европската сцена. Секако, кога играте во една од најдобрите и најценети европски лиги, има и киксови, а како една од епизодите за заборав се шесте автогола на Новески, што е рекорд од постоењето на Бундеслигата. Сепак, пријатни моменти има премногу за единствениот македонски фудбалер што моментно игра во елитната германска лига.
Договорот со Мајнц на 35-годишниот македонски репрезентативец (на 28 април полни 35 години) му истекува летово, а неизвесно е дали ќе продолжи да игра барем уште некоја сезона. Клубот му нуди продолжување на соработката, но останува да се види дали капитенот ќе игра или ќе се прости од активните настапи. Такво нешто му најави на Бошко Ѓуровски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација. За Македонија Новески одигра 64 натпревари и постигна 5 погодоци.
Новески и црквата „Свети Никола“, заштитен знак за Македонците во Мајнц
Николче Новески и многумина македонски граѓани од Мајнц и Германија, секако и од нашата земја, со несебични донации придонесоа да се изгради првата православна црква во Германија. Блеска „Свети Никола“ во Мајнц, еден од двата заштитни знака, заедно со Новески, на нашинците во овој град.
Николче не заборава од каде потекнува, секогаш ја споменува Македонија и често им помага на своите сонародници.
– Воодушевен сум што го имаме овој објект во Мајнц. Се изгради типична македонска црква, што изгледа прекрасно. Има доста Македонци и за сите нас ова е голема работа. Тоа е дел од нашата традиција и многу е убаво што ќе имаме каде да дојдеме, да се видиме, да се дружиме и, секако, да ги славиме нашите празници – изјави Новески при една од посетите на црквата „Свети Никола“.
Македонците се собираат и на трибините на „Кофејс арена“, домот на ФК Мајнц од 2011 година, за да го бодрат својот миленик Николче Новески.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.