
Регуларно и без никакви инциденти се одвива изборниот процес, а гласачките места низ земјава се отворени точно на време. Членовите од избирачките одбори очекуваат поголема излезност во попладневните часови. Граѓаните велат дека дошле да го искористат своето право на глас, очекуваат изборите да поминат во демократска атмосфера.
Гласачите се обележуваат со мастило на палецот од левата рака според упатството на Државната изборна комисија, додека при гласањето на првиот круг од претседателските избори на 13 април се обележуваше десниот палец. За следење на вториот круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори се акредитирани 9.952 домашни и 550 странски набљудувачи.
На 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780. 128 избирачи. Гласачките места ќе бидат отворени во 7:00, а затворени во 19:00 часот.
На избирачките места ќе има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.
На претседателските избори граѓаните ќе можат да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател Ѓорге Иванов и на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство. Прифатени во рокот беа пријавите на 8.332 македонски државјани кои имаа можност да гласаат вчера, на ден пред изборите, на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија).
За предвремените парламентарни избори, кои се трети по ред и трети во низа во Македонија, а осми парламентарни, се поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии.
Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората – по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.
Право на глас на предвремените парламентарни избори имаат 1.780.128 граѓани. Пријавени за гласање во дијаспората беа 23.782 македонски државјани. По изборни единици за парламентарните избори во првата запишани во ИС се 297.686 гласачи, во ИЕ 2 306.067, во ИЕ 3 280.891, во четвртата 280.810, во ИЕ 5 286.434 и во шестата 304.458 гласачи. Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во ИЕ 7 (Европа и Африка) 18.911, во осмата (Северна и Јужна Америка) 3.337, додека во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.534.
Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и болните и немоќните лица.
Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


