Опозициските „аналитичари“ ја открија Америка – Ахмети ќе одел до крај во остварување на целта да ги урне претседателските избори. ЕУРЕКА!
„Возбудливото“ откритие на овие „експерти“ следува „само“ еден месец откако ДУИ официјално соопшти дека целта на оваа партија е да не успеат изборите за претседател и дека ќе направат сѐ за да издејствуваат промена на Уставот. Важната вест доаѓа по речиси два месеца откако ВМРО- ДПМНЕ побара поддршка од граѓаните за 63 пратеници за да ги спречат уцените на Ахмети.
Истите тие труби кои пред почетокот на кампањата тврдеа дека не станува збор за никакви уцени и со двете раце ги прифатија барањата на Ахмети како легитимни, сега се наводно исплашени од можноста за пропаѓање на претседателските избори. Иако уште тогаш барањето на Ахмети го осуди најголемиот дел од македонската јавност, меѓу кои и некои албански интелектуалци, на Заев, Шекеринска и на нивните медиумски покровители оспорувањето на легитимно избран претседател и заканите за бојкот не им се видоа спорни.
Оттука е многу јасно дека сегашното откритие не ги погоди „експертите“ толку многу поради опасноста од предизвикување политичка криза во земјата, туку поради фактот дека нивниот претседателски кандидат и СДСМ ќе останат во опозиција и во следните четири години.
Гневни од сѐ поочигледниот двоен пораз, на кој и „Република“ укажуваше дека е неминовен без вистинска партиска реформа и издржана програма која ќе парира на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, опозициските труби почнаа да шират тези со некакви сценарија за бојкот на изборите, ултиматуми и опасни закани од типот „или победа или на улица“.
Таквата тактика на СДСМ и на опозициските креатори на јавното мислење е позната и применувана во минатото и досега повеќе пати им нанесе штета на државните интереси, но истовремено беше и препознаена од граѓаните. Токму поради тоа, народот ги казнува во континуитет осум години, заклучно со неделните избори.
Во исто време додека опозицијата, со помош на нејзините медиуми, упорно и по секоја цена се обидува да се врати на власт без притоа око да ѝ трепне за последиците што може да ги предизвика, упорно избегнува да ја побара вината за дебаклот кај себе.
Но, сакала да го види тоа или не, мора да ѝ биде јасно дека ако некој сериозно се обиде да ја добие власта на друг начин освен преку легитимни избори, тогаш не само што ќе одговара пред институциите на државата, туку ќе се соочи и со волјата на мнозинството.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.