| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Следните 6 до 9 месеци 1.000 нови работни места во Прилеп

stavreski-500

Во следните шест до девет месеци ќе се отворат 1.000 нови работни места за прилепчани. Ова во посета на Прилеп го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Тој истакна дека е очигледно дека амбиентот за бизнис во Прилеп се подобрува бидејќи само последните неколку дена четири компании имаат најавено влез во индустриската зона Прилеп 1.

Ставрески посочи дека можност за вработување прилепчани ќе имаат и во „Дрекселмаер“.

– Имам добра вест за прилепчани – 500 до 600 работни места во „Дрекслемаер“ ќе бидат пополнети со кадар на луѓе од Прилеп. Тоа го договоривме на вчерашната средба со раководството на фабриката, со цел да се даде приоритет на луѓето од Прилеп, односно оние кои се невработени да најдат работно место во „Дрекселмаер“ – вели вицепремиерот Ставрески.

Ставрески укажа дека Владата и понатаму останува отворена за нови инвестиции, како за странски така и за домашни инвеститори. На инвеститорите кои ќе отвараат нови работни места ќе им се дадат најповолните услови за инвестирање. На овој начин ќе се решава проблемот со невработеност на младите.

Вицепремиерот ја поздрави инвестицијата на „Филип Морис“ во Тутунски комбинат „Прилеп“ и истакна дека со влезот на овој светски бренд во комбинатот значително ќе се подобри неговата состојба.

-Со влезот на „Филип Морис“ во Тутунскиот комбинат од Прилеп имаме еден стабилен партнер кој ќе ја обезбеди стабилноста и ликвидноста на Тутунскиот комбинат, ќе се обезбеди поголем откуп на тутун и со тоа задржување на работните места и подобар резултат на Тутунскиот комбинат во иднина – додаде Ставрески.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top