| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана книга посветена на култот на Св. Наум Охридски во Унгарија

Kniga vo Ungarija

Книгата „Култот на Свети Наум Охридски во Унгарија” во издание на најстариот унгарски универзите во Дебрецен, од авторот Др. Марта Наѓ, неодамна беше промовирана во Будимпешта.

Книгата е резултат на повеќедецениската истражувачка работа на професорот Наѓ, која се фокусирала на одржувањето на преданијата и материјалното наследство во Унгарија посветено на Св. Наум Охридски. Имено, со ширењето на Отоманската империја на Балканскиот полуостров, дел од христијанското население нашло прибежиште во Унгарија, со немал број на бегалци од Македонија.

Македонските доселеници во Унгарија со себе го донеле и славењето на Св. Наум Охридски, при што низ поколенијата се пренеле голем број на преданија, но уште повпечатливо, и традиција на создавање на материјално наследство во форма на изработка на икони и длаборези со мотиви од животот на Св. Наум Охридски.

Луксузното издание содржи фотографски преглед на сите позначајни икони посветени на Св. Наум Охридски кои се зачувани во цркви од различна деноминација во Унгарија, најчесто на Руската и Српската православна црква, во кои и денес се наоѓаат овие вредни артефакти. Најголем дел од иконите се од 18-от век, изработени од познатиот автор Христофор Зефар (Зефарович).

На промоцијата, одржана во книжарата Балаши во Будимпешта, присуствувал македонскиот амбасадор во Унгарија, Дарко Ангелов и лекторот по македонски јазик Панда Стојановска, а притоа била иницирана подлабока соработка на сродните институции на Македонија и Унгарија од сферата на заштитата и истражувањето на културното и историско наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top