| четврток, 6 декември 2018 |

Со Кралицата Викторија

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

– Да ви кажам една вистина: сè е илузија. А ова не е ни Сократ, ниту пак Ал Хаким Ал Акбар Ал Сабах, ниту пак нашиот виконт од Малрбороу, се работи за самата вистина, без референци и предубедувања, вистина, каква е онаа, што ви кажува дека „сте” и дека нешто околу вас „е”. Ви велам, дека нема вистина над субјективната вистина, зашто сите други вистини се воспоставени на договорна основа, со консензус – Ваше Величество – ѝ се обраќаше бискупот од Кантербери на нејзиното Величество, кралицата Викторија. Неговиот глас одѕвонуваше како ерусалимско ѕвоно низ сводовите на Бакингемската палата.

– Од Ханс Холбајн Помладиот, па преку Антони Ван Дајк, Питер Лели и Томас Гејнзборо, па сè до сер Џошуа Рејнолдс и романтичарите, што кришум се појавуваа – Вилијам Хогарт, Џон Констејбл и Вилијам Тарнер – пророкот на импресионизмот и симболизмот во својата пост-класицистичка фаза: Едуард Берн Џонс, Данте Габриел Росети, Џејмс Милеј и, видете го тој скоро фантомски озарен, Хенри Фисли – што беше толку возљубен од Бајрон и Шели, ах, какво богатство; од слепите Друиди до Вилијам Шекспир, Џон Дон, Вилијам Блејк, Милтон, Вудсворт, Оскар Вајлд, Чарлс Дикенс и, зошто да не – Едгар Алан По, та тој е од наш произход – нели?!

– Секако, Ваше Величество – сервилно потврдуваше бискупот од Кантербери, кој знаеше дека кралицата Викторија напросто ги мразеше Американците, иако на сите во империјата им беше јасно, Америка била, е, и ќе биде најобична британска колонија.

– Ах, тие француски либерални идеи – се туфкаше кралицата.

– Но, тоа е само еден тренд – Американците експериментираат со републиканските идеи наместо нас, ваше Величество – објаснуваше бискупот од Кантербери.

– Но, тоа не е доволно, ваша Светост. Тоа кокетирање со француската политичка мода може тотално да ги изопачи нашите напори во Америка. Не заборавајте, дека супремацијата на нашата англосаксонска раса е опасно загрозена од француската бестијална страст кон сексуалните експерименти, кои вклучуваат и такви настраности, каква што е содомијата.

Б.К. – Но, ваше Величество, мора да има и пургаториум на овој свет. Америка има улога на голема септичка јама. Прво таму ги преселивме робијашите, па ги истребивме Индијанците, па населивме црни робови од Африка, па други нижи раси од Европа, раси какви се Италијанците, Евреите и Словените и други инфериорни суштества. Но, верувајте ми, за 100 години од оваа менажерија ќе настане супериорна „мешавина” која ќе владее со светот, секако во наше, т.е. во ваше име, о Величество!
К.В. – Но, видовте колку брзо тие бастарди се откажаа од круната, та дури удрија и удрија по неа!
Б.К. – Не се жалостите, о ваше Величество. Тоа што унионистите ја добија војната, ништо не значи. Додека зборат со нашиот јазик – ќе бидат наши робови – копијата е безусловен роб на оригиналот, о ваше Величество.
К.В. – А тоа што рускиот цар нè прејде, давајќи му поддршка на Линколн со неговата пацифичка флота?!
Б.К. – Ах, ваше Величество, тоа не значи ништо. Наши луѓе, т.е. луѓе на генералот Ли се во мисија да го ликвидираат Абрахам Линколн. Кога ликвидацијата ќе се изврши, сите нивни сојузништва, мислам на рускиот цар и унионистите, ќе падат во вода. Тогаш Американците ќе се вратат на она, што отсекогаш го правеле – да кокодакаат – и тоа на лош англиски – сфаќате, ваше Величество.
К.В. – Секако, ваша Светост. Но, во еден период руската империја беше обична хипотека на нашите банки. Што, по ѓаволите, се случи во меѓувреме?!?
Б.К. – Се случи индустриската револуција, ваше Величество. Се случи јаглен, дрво, нафта. Посебно нафтата, а рускиот цар ја има во изобилство. Така ги исплати долговите и сега води светска политика.
К.В. – Не гледам начин, како оваа негова варварска егзалтација да ја ставиме под контрола!
Б.К. – Ах, та тоа не е никаков проблем.
К.В. – Да ги разбиеме во Авганистан и Каспискиот басен?
Б.К. – Може, но не е неопходно.
К.В. – Да ги „зајадеме” со Јапонците – уште една несносно фанатична и дебилоидна раса!
Б.К. – Може, но не е неопходно.
К.В. – Па, што тогаш, побогу!!!
Б.К. – Има една навидум глупава, но многу заразна идеологија, наречена комунизам – уште една утопија на светското еврејство. Пророкот на ова идиотско движење се вика Карл Маркс, фрустриран германски Евреин од Трир. Ова учење посебно ефикасно делува на наивните и инфериорните умови, какви има многу во руската империја. Ние ќе се погрижиме тоа учење да стане мејнстрим во Русија.
К.В. – Како што тоа го направивме со еволуционизмот на Дарвин.
Б.К. –Токму така, о Величество. Нашата империја, во која сонцето никогаш не заоѓа, уште долги години ќе му биде светилник на човештвото.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top