Батали го него – има уште две-три кречења, па тој нашол да збори! Израз што често може да се слушне за некого што стасал до третата доба и полека го завршува животниот циклус. Овде, во текстов, кречењата се клучниот момент. Порано, демек кога бевме многу поневозрасни, дома се молерисуваше, кречеше, речиси еднаш годишно. Главно сите за Велигден, а многумина и за славата на куќата. Според тие тогашни тајминзи за годишно освежување на домот на дотичниот од почетокот на текстот му останале една-две години да му се порадува на животот.
Но, затоа, пак, според сегашната зачестеност на таа важна домашна активност, еднаш на пет-шест години и поретко, тој има убаво да си поживее, фала му на Господа!
По неколку лета поминати без молерисување, од разни причини, па може да се каже и финансиски, кога поднамали денот, кога утрата и вечерите станаа свежи, кога тревата не мораше да се полева секојдневно зашто тоа го правеше многу поуспешно утринската роса, за да пречекаме дома важни гости едногласно решивме да кречиме.
Не распишав тендер за молер, но зедов само неколку броеви на мобилен телефон и изборот веднаш ми падна на Бакли. Молериште од Дебар маало. Од дете работи со старите познати и прикажани, повеќе боеми отколку молери, Конте и Мачки, за да почне сам, заедно со Куси од Маџир маало, да работи и да се здобива со муштерии во ова време, ем луѓето се без пари, ем секој се претставува за молер, мора да се работи, стечајци колку ти душа сака.
Бакли го немав видено одамна, многу одамна. Тој е од срцето на Дебар маало. Со брат му Ангеле – Бучки и со дедо му живееја на крајот од улицата „Дане Крапчев“, во близина на истоименото Домче и Зоолошката градина. Оваа улица летно време вриеше од луѓе, во делниците од жени и деца што носеа подни покривки, единствени беа чергите исткаени од остатоци на разни ткаенини, на перење на Вардар. Бакли не успеал да се ожени. Од немуакает, како што ми рече. Не е многу зборлест, но тоа не му пречеше да го испрескака компањонот затоа што со мокра крпа го избриша тоа малку боичка што прсна по паркетот. Зборовите му ги влечам со клешта. Го терам да се потсети на старите мајсторишта, но и големи мераклии за чашка. Мачки до последниот момент му даваше на ракчето да пие со помош на инка, Конте во една пригода ранет со нож трчаше по крадецот на гулаби сѐ до слаткарницата „Апче“, кај Техничко. Во муабетите за задолжителните гулаби главниот збор го има Куси, кој и ден денес лета гулаби, живее во Паркови и зеленило, во срцето на третиот дел на паркот. Знаејќи дека се има занимавано и со понакви активности, поради кои често уште како дете го снемуваше на подолг период, го потсетувам Бакли само на луѓе и настани, што, рака на срце, ги имаше заборавено, па јас со мојата меморија му ги освежував. Го потсетувам на соседот што заглави во Идризово поради тешки кражби, ми текна на Ерменците, кај кои беше пронајдено украденото злато, но и на обесениот чајник во еден двор во кој наводно беше пронајден револвер, за кој ние како деца со страв раскажувавме.
А, откако завршија со работата, зедоа пари и Бакли и Куси веднаш му ја штурнаа. Двајцата мали и спечени, малку поголеми од малата скала што ја донесоа на точак со која и двајцата се движеа како вистински циркузанти од стариот скопски циркус што долго беше на стариот влез на зоoлошка.
Не зажалив што ги ангажирав Бакли и Куси .Ако требаше, до колку ја утнеа работата, ќе викнев некој друг, но тие не потфрлија, оставија место за реклама и фалба, ја оставија вратата отворена, како што се вели. Најмногу не зажалив што се потсетив на многу живи и починати легенди на Дебар маало, на кафеаните, гулабите, на фудбалските натпревари…убаво е да се сеќаваш на минатото, кога ќе ти останат уште неколку кречења!
(објавено во 15. број на неделникот „Република“, 14.12.2012)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.