| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Мирните избори покажаа зрелост на општеството во Македонија

jankulovska_1005_g_0

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, истакна дека вчерашниот изборен ден поминал мирно во фер и демократска атмосфера и дека од безбедносен и од аспект на интервенции на полицијата имало најмал број случаи во историјата кога полицијата воопшто требала да интервенира и реагира.

– Тоа покажува една зрелост на општеството во Македонија, тоа покажува едно високо ниво на совесност на сите граѓани, на гласачите пред сѐ, кои одлучуваа врз основа на понудените програми и конкретни решенија, а не врз основа на некои други притисоци или на насилство како што било случај во некои минати избори. Ова зборува дека во Македонија постои демократска атмосфера и граѓаните се свесни за значењето на изборите и пред сѐ тие не дозволуваат некој да им го узурпира нивното гласачко право – посочи Јанкулоска.

Во текот на вчерашниот ден, додаде Јанкулоска, е регистриран незначителен број ситуации каде што Министерството за внатрешни работи било повикано на терен.

Како покарактеристичен случај го издвои поднесувањето на кривична пријава против две лица на возраст од 30 и 52 години, кои вршеле притисок врз Ромите во ромско мало во Струмица.

Во врска со случајот на Амди Бајрам и неговиот син, градоначалникот на Шуто Оризари, и Радмила Шекеринска, таа истакна дека МВР ги проверила информациите од двете посочени страни, по што се покажало дека нивните тврдења биле спротивни.

– Констатирано е дека нема прекин на гласањето и нарушување на изборниот процес, ниту нарушување на јавниот ред и мир. Меѓусебните обвинувања од страните можат да ги докажуваат во постапка, но за нас е важно дека изборниот процес се одвиваше мирно, во фер и демократска атмосфера – рече министерката за внатрешни работи.

Настанот во Радишани што се случи вчера, според информациите од МВР, е сообраќајна несреќа која подоцна ескалирала во физичка пресметка, но не е поврзана со изборите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top