| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија по петти пат избира претседател

Претседателски кандидати 2014

Граѓаните на Република Македонија на 13 април, по петти пат на непосредни избори ќе избираат шеф на државата. Новиот претседател ќе се избира меѓу Ѓорге Иванов кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски кандидат на СДСМ, Зоран Поповски кандидат на ГРОМ и Илијаз Халими кандидат на ДПА. Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.

Првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, согласно тогашните уставни решенија. Со воведување на повеќепартискиот систем во Македонија, започнаа меѓупартиските консултации околу предлагање на личност за кандидат за претседател на Република Македонија. Таа функција што дотогаш во Македонија не постоеше му беше понудена на Киро Глигоров. Така, во почетокот на новата 1991 година, односно десет дена по конституирањето на Собранието на Македонија, на дневен ред дојде и расправата околу изборот за претседател на Социјалистичка Република Македонија. По првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги доби потребните две третини од гласовите, поради немање поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој доби 60 од потребните 80 гласови за избор. Но, по три дена, ВМРО- ДПМНЕ излезе со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров ако за потпретседател и за премиер на државата биде избрана личност од нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието со 114 гласови „за“ Киро Глигоров беше избран за прв претседател на Република Македонија. На 7 март му го довери мандатот на Никола Кљусев за формирање на т.н. експертска влада. Киро Глигоров, вториот претседателски мандат го доби на првите непосредни избори за шеф на државата одржани на 16 октомври 1994 година. Негов противкандидат беше познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Од вкупно запишаните 1.368.000 избирачи, Глигоров доби 713.529, а Георгиевски 196.936 гласови. Имаше 130.000 неважечки ливчиња и недостиг од 17.523 ливчиња. ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор до ДИК, со барање изборите да се поништат поради фалсификат. Мисијата на ОБСЕ тогашна КЕБС, ги оцени изборите за претседател како регуларни.

Вторите претседателски избори во Македонија беа одржани на 31 октомври и 14 ноември 1999 година. Учествуваа шест кандидати. Покрај Борис Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ и Тито Петковски од СДСМ во трката за нов шеф на државата беа и Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили и Стојан Андов. Во вториот круг влегоа Трајковски со освоени 449.026 гласови и Петковски со 509.933 гласови. Со 582.808 гласови победи Трајковски. Петковски имаше 513.614 гласови. Бројот на запишани избирачи во 1999 година беше 1.610.340, а од нив на гласање излегоа 1.112.153 гласачи. По преброените гласачки ливчиња Државната изборна комисија констатира дека има 16.281 неважечки гласачки ливчиња или 1,46% од вкупниот број на ливчиња. СДСМ не ги призна резултатите од вториот круг, обвини за изборни нерегуларности и го оспори легитимитетот на Трајковски. ОБСЕ ги оцени изборите како задоволителни, со забележани неправилности во западна Македонија и во околината на Скопје. Борис Трајковски беше инаугуриран за претседател на Република Македонија на 15 декември 1999 година, а ја извршуваше функцијата до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа кај Мостар.

По смртта на претседателот Трајковски, Собранието на Република Македонија ги закажа третите вонредни претседателски избори во Македонија. Првиот круг се одржа на 14-ти, а вториот круг на 28 април 2004 година. Кандидати во првиот круг беа Бранко Црвенковски од СДСМ, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ и Зуди Џелили од ДПА. Во вториот круг се пласираа Црвенковски и Кедев. Бранко Црвенковски, кој тогаш ја извршуваше должноста премиер на Република Македонија освои 553.520 гласови или 62,70% од гласовите, додека неговиот противкандидат Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ доби 329.271 гласови или 37,30%. На 12 мај 2004 Црвенковски ја презема функцијата претседател на државата и се повлече од премиерската должност и од лидерската позиција во партијата. ВМРО-ДПМНЕ побара поништување на изборите, обвини за изборен фалсификат и го оспори легитимитетот на Црвенковски.

Четвртите претседателски избори во Македонија беа одржани на на 22 март и 5 април 2009. Учествуваа седум кандидати. Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од Социјалдемократски сојуз на Македонија, Имер Селмани од Нова Демократија, Љубе Бошкоски како независен, Агрон Буџаку од Демократска унија за интеграција, Нано Ружин од Либерално демократска партија и Мируше Хоџа од Демократска партија на Албанците. Во првиот круг кој беше одржан на 22 март 2009 немаше победник, Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ освои 345.850 гласови или 35,04 отсто од гласовите, а Љубомир Фрчкоски од СДСМ доби 202.691, односно 20,54 отсто од гласовите. На вториот круг што беше одржан на 5 април 2009, се гласаше за двата кандидата со најголем број гласови во првиот круг – Ѓорге Иванов и Љубомир Фрчкоски. Иванов во вториот круг освои 453.616 гласа или 63,14 отсто од гласовите, додека Фрчкоски 264.828 гласа или 36,86 отсто. Одѕивот на гласачите во вториот круг беше 42,61%, малку над законскиот минимум од 40% за важечки избори.

Новиот претседател, кој ќе ја добие довербата од граѓаните на претстојните избори, должноста треба да ја преземе по 12 мај кога, според Уставот, му истекува петгодишниот претседателски мандат на Ѓорге Иванов. Четворицата претенденти за нов шеф на државата изборната кампања ја почнаа на 24 март 2014 година, а убедувањето на граѓаните зошто да им ја дадат довербата мора да го завршат 24 часа пред денот одреден за гласање. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 13 април ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство се повторува целата постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top