Доследни на ветеното во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ изминативе години покажа што значи поддршка за земјоделците во Република Македонија. Покажавме дека земјоделството е еден од основните приоритети во нашата работа, а земјоделците наши блиски соработници. И затоа од 2006 до 2013 година наменивме 640 милиони евра, за развојот на македонското земјоделство. Поддршката за развојот на македонското земјоделство и развојот на македоснките села ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи и во идниот четиригодишен период. Со уште повисоки финансиски средства, со дополнителни проекти и мерки. За таа цел во новата програма предвидуваме највисока поддршка за македонското земјоделство, што досега е забележана. 600 милиони евра за развојот на македонското земјоделство. 600 милиони евра за развојот на селата во нашата држава и подобрување на условите за живот. 600 милиони евра за поголемо производство на храна. 600 милиони евра за отворање на нови работни места во земјоделскиот сектор – посочи Зоран Коњановски на денешната партиска прес-конференција.
ЅТој нагласи дека финансиска поддршка за земјоделците според новата програма ќе се исплаќа преку однапред дефиниран Календар за субвенции, со кој ќе биде определена стриктна динамика на аплицирање и рокови за исплата на субвенции. Согласно реализацијата на проектот Календар за субвенции, времето на исплата на субвенциите ќе биде усогласено според потребите на земјоделците за финансирање на земјоделските активности и според карактеристиките на земјоделското производство.
-Свесни за значењето на развојот на селата во Република Македонија предвидуваме продолжување на континуитетот на постојано подобрување на условите за живот во руралните средини во сите општини во Република Македонија. За таа цел во новата програма предвидуваме до 2016 година да бидат реализирани 195 поединечни проекти од витален интерес на населението во 73 рурални места во општините во Република Македонија. Проекти за кои е веќе подготвена проектната документација и имплементацијата ќе следи веднаш во текот на 2014 година, со обезбедена финансиска конструкција од 20 милиони евра, и уште најмалку 20 милиони евра за 2016, 2017 и 2018 година за проекти наменети за руралните средини. Поддршка која е од огромно значење за секое населено место во Република Македонија. Поддршка која ќе ја реализираме во партнерство во општините во нашата држава.
Модернизацијата на земјоделските стопанства е процес кој е директно поврзан со развојот на земјоделството. Како Влада која за прв пат воведе поддршка 50-50, сме свесни дека истата претставува огрмона поддршка за земјоделците во нашата држава. Токму затоа во новата програма предвидуваме уште посилна и уште поголема поддршка за модернизација на земјоделските стопанства. Инвестициите во земјоделските стопанства за набавка на трактори и друга земјоделска механизација, опрема, купување на добиток, подигање на овошни и лозови насади, наводнување капка по капка, реконструкција на објекти за одгледување на стока итн. како и инвестициите за модернизација на преработувачките и маркетинг капацитети ќе се финансираат со најмалку 50% од страна на државата. За таа цел секоја година ќе одделуваме по 1 милијарда и 722 милиони денари. 1 милијарда и 722 милиони денари насочени кон модернизација на земјоделските стопанства – додаде Коњановски
Според него и во идниот програмски период ќе бидат обезбедени средства за поволни кредити со субвенционирана каматна стапка од 3 и 4% на годишно ниво за примарното земојделско производство, преработувачката индустрија и откупот на земјоделски производи како неопходна поддршка за новите инвестиции. Станува збор за сума помеѓу 6 до 10 милиони евра годишни кредитни пласмани во зависно од интересот.
-ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, во новата програма предвидува и проширување и обновување на мрежата за наводнување и одводнување на сите хидросистеми во државата. Нашата цел е зголемување на наводнуваните површини на долг рок, за нови 24.350 хектари и преку тоа и зголемување на приносите и производството во Република Македонија. Во тој контекст предвидуваме реализација на проектите ХС Лисиче, ХС Злетовица, браните Оризарска Река и Конско, проширување на хидросистемите Стрежево и Брегалница, изградба на системот за наводнување Маркова Река –во Куклиш, изградба на главен довод во рамки на проектот Равен – Речица, брана на река Слупчанска, отпочнување на изградба на 10 нови микро акумулации, реализација на II фаза од проектот наводнување на јужната долина на реката Вардар. Покрај овие големи капитални зафати, во периодот 2014-2018 година ќе реализираме и дополнителни засилени инвестиции за проширување и рехабилитација на сите хидросистеми во државата. Нашата цел е дополнително зголемување на површините под системи за наводнување. За таа цел секоја година за изградба на капиталните објекти и модернизацијата на постоечките хидросистеми ќе издвојуваме најмалку по околу 18 милиони евра. Средства кои значат развој на македонското земјоделство и зголемување на производството. Во овој контекст а со цел континуирано и долгорочно инвестирање во инфраструктурата за наводнување и одводнување во Република Македонија, предвидуваме изработка на „План за инвестирање во водостопанската инфраструктура за периодот 2015-2025 година“. План кој ќе ги содржи сите предвидени инвестиции во водостопанството во Република Македонија до 2025 година – рече Коњановски посочувајќи дека ова е само мал дел од проектите за земјоделството предвидени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ во идниот четиригодишен период.
Изминативе години покажавме дека ветуваме проекти кои докажано се реализираат. Нашите проекти се реални и се насочени кон секој земјоделец во нашата држава. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, покажа како се работи во земјоделството и како се креираат политики насочени кон секој земјоделец. Како се дефинираат проекти и мерки во соработка и партнерство со сите инволвирани страни во македонскиот аграр. Тоа е проверено и докажано. Затоа со уште посилно темпо ќе продолжиме и во идниот четиригодишен период да го развиваме земјоделството во Република Македонија – заврши Коњановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.