| четврток, 6 декември 2018 |

Барак во барок

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Одамна, во сувопарниот и естетски редуциран простор на високата политика не се случила вака уметнички збогатена претстава, како што беше онаа фасцинантна сцена, која се случи во Ријксмузејот при посетата на американскиот претседател, Барак Обама, на Амстердам. Имено,бескрајно шармантниот американски претседател даваше изјава пред светските медиуми за позицијата на американската администрација во однос на прашањата кои се наметнуваат, еве веќе половина година околу кризата во Украина и руското влијание на најновиот развој на состојбите, со анексијата на стратешки важниот полуостров, Крим. И целата оваа комуникација со светските медиуми се одвиваше пред едно од најголемите и најзначајни дела на светската уметност, пред незаборавното дело, директно инспирирано од космичкиот Творец, а тоа е фамозната „Ноќна стража“ на најголемиот холандски уметник и еден од најсјајните гении во уметноста на сите времиња – Рембрант Херменсон ван Ријн.

Оваа, навидум релаксирана претстава за медиумите, аранжирана од страна на креаторите на протоколот на американскиот претседател, покажа, по многу години несмасна арогантност кога се работи за жешките теми, поврзани со светската геополитика, една изненадувачка префинетост и деликатност, што навестувана по малку несигурна, но, сепак, евидентна констатација, дека под раководството на овој претседател, некои суштествени работи во пристапот кон најчувствителните прашања на светската политика се менуваат, и тоа на подобро, би рекол, на многу подобро, што се однесува до неверојатниот културолошки потенцијал што го имаат САД, како лидери на Западот.

Како за момент да ја почувствував сјајната мисла на најголемиот македонски национален идеолог, Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век визионерски претскажа – „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, значи, тука, во најпосетената сала на ремек-делото на архитектурата на холандскиот 17 век, во Ријксмузејот во Амстердам, тој бисер на северниот европски барок, каде што стои незаборавната „Ноќна стража“ на Рембрант, американскиот претседател Барак Обама влезе во една нова епоха на геополитичкиот натпревар, овој пат издигнувајќи го нивото во една сосема непозната димензија, сè уште тешко сфатлива за заостанатите политички јастреби, не само во САД, туку и во сите други државни администрации низ светот. Времето на бруталниот милитаристички мачоизам е завршено, почнува нова ера во меѓународната политика.

Но, да го прокоментираме од аналитички позиции, овој одамна невиден политички перформанс во сферите на високата политика, со кој САД повторно почнаа да ги освојуваат одамна изгубените симпатии кај културните жители на планетава, кои од година во година ги има сè повеќе, и тоа благодарејќи им на сè поразвиените и сè пософистицираните медиуми за комуникација. Првпат по повеќегодишното владеење на претседателството на Обама со САД се почувствува дека, сепак, Нобеловата награда не е бадијала дадена. Исто така, со овој високоестетски геополитички перформанс претседателот Барак Обама ги урна критизерските миракули на јастребите во американската политика, кои од милитаристичко-мачоистички, а, всушност, крајно идиотски позиции, што се влечат во американската политика уште од времето на Кисинџер и Бжежински го критикуваа курентното раководство на САД, дека кукавички и несоодветно реагирало на настаните во Сирија, како и на најновите предизвици во Украина. А, всушност, гледаме дека реакциите на попуштање и дијалог што ги преферира американскиот претседател и неговата администрација се вистинскиот пристап кон состојбите во овие невралгични зони, на кои им треба сосема малку несмасност и агресија во реакциите за да излезат од контрола и да нè воведат во несогледлива планетарна катастрофа, во која би исчезнал огромен дел од човештвото. Она што, всушност, го порача американскиот претседател, давајќи ги своите коментари пред ремек-делото на европскиот барок и неговиот генијален претставник е дека на геополитичката сцена проблемите треба да се решаваат со градење доверба, а, пред сè, со почит и љубов кон другиот, без оглед дали се работело за Американци, Руси, Сиријци или Украинци, зошто искуството безброј пати ни укажало на тоа дека, во суштина, сите сме исти и сите бараме само малку мир и радост во нашето престојување на оваа планета.

Мудриот Диоген, прекриен од сенката на Александар Трети Македонски, кој се испречил тој светол ден помеѓу сонцето и атинскиот мудрец, во намера да го дарува овој претставник на киничката философија, на кого му се воодушевувал уште од дете додека учел философија кај Аристотел, ќе рече: „Доволно е да ми се иставиш од сонцето зашто вака ми го одземаш она што не можеш да ми го дадеш“. На тоа Александар се повлекол со длабока почит кон Диогена, а на заминување, прокоментирал меѓу своите генерали:„ Да не бев Александар, ќе сакав да бидам Диоген“.

И токму во оваа фаза, полека, но сигурно, влегува геополитичката стратегија на американскиот претседател Обама, од Александар кон Диоген, од мноштвото кон суштинското, од доминацијата кон разбирањето, од драматичното кон спокојното, од пропадливото кон вечното. Време е господинот Обама и господинот Путин да отидат во заедничка посета на уште по некој музеј, во санктпетербуршкиот Ермитаж или, пак, во њујоршкиот Метрополитен, да се воодушеват од возвишеноста на човековиот дух, даден по милоста Божја и да имаат убави моменти, горди и среќни што се дел од човештвото, што така му се омили на вечниот и беспрекорен Творец на универзумот.

Рембрантовата уметност влезе во Русија со отворањето на оваа гигантска земја кон Западот, во времето на преродбеникот и модернизаторот, Петар Велики. Благодарејќи му на ова ингениозно визионерство на рускиот цар, големата страна стана современа и влијателна земја на сите нивоа во светот. Да го немаше Рембрант во Ермитаж, можеби ќе го немаше ни Достоевски во руската и светската литература зашто она што е Рембрант во сликарството, тоа е Достоевски во литературата. Така, овие два генија во светската уметност праќаат истоветна порака, едниот преку неспоредливата спиритуалност на неговата длабока атмосфера и возвишени илуминации, а другиот преку зборовите, кои патуваат дирекно до срцето. Дел од овие пораки е и онаа, во која големиот Фјодор Михајлович Достоевски ни вели: „Убавината ќе го спаси светот“ и навистина. Како овие, до неодамна, иако крајно доблесни во духот, но во практиката сосема ирационални пораки, да фаќаат корен во реалноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top