
Претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски продолжува да настапува со антидржавниот став барајќи државен конзензус за името. Во последното интервју во емисијата „15 минути“ на телевизија „Алсат-М“ , Пендаровски рече дека ако биде избран за претседател нема да поддржи продолжување на преговорите со Нимиц додека не се направи меѓуетнички консензус за името. Со овој катастрофален став претседателскиот кандидат на СДСМ им дава право на албанските политички партии да решаваат за црвените линии за името, а со тоа дополнително ја зголемува опасноста за загрозување на македонскиот идентитет.
– Не може да се оди на никакви преговори кај Нимиц ако претходно во Скопје не се направи најширок можен политички меѓуетнички консензус, поточно државен став, на Република Македонија. Не етнички, не партиски, не семеен, не личен, туку државен став на Република Македонија. Таков став има Грција и години наназад и тоа е таканаречена црвена линија. Нашата црвена линија не е утврдена. Недозволено е неколкумина да договараат став. Мора да се договорите со опозицијата, и македонска и албанска – рече Пендаровски.
Тој во интервјуто поби и неколку тези на актуелното раководство на СДСМ. Прво призна дека брзо решение со Грција не е возможно, што е контра тврдењето на Шекеринска дека ќе го реши проблемот за шест месеци. Второ, Пендаровски призна дека избрзано решение може сериозно да наштети на македонскиот идентитет- факт кој опозицијата долго време го негира тврдејќи дека Грција воопшто не се обидува да го загрози идентитетот на македонскиот народ. Трето, Пендаровски се огради од тоа сам да донесе одлука за евентуално решение, нешто на што долго време инсистираше СДСМ и вршеше притисок врз премиерот Никола Груевски со образложение дека „обврска на државниците е да носат тешки одлуки во интерес на народот“.
– Јас не велам како претседател дајте ми мандат мене сам ќе го решам името, за недела две три … Тоа не е возможно. Името е многу тежок проблем. Името може да закачи некои компоненти, идентификациони, на македонскиот народ што ни на сон не би сакал да помислам. Јас не се нафаќам да го земам мандатот за претседател за самиот да го решавам. Јас велам или заеднички ќе го решаваме, или нема да го решиме – рече Пендаровски.
Познавачите на состојбите идејата на Пендаровски за рамковизација на преговорите за името ја оценија како неодговорен чин кој повикува на капитулација.
Со својата најнова елаборација на тема името Пендаровски директно ги подддржа позициите на ДУИ која што се обиде да направи дипломатска офанзива со неколку посети на Атина, Софија, Брисел и САД. Пред посетата на Скопје грчкиот шеф на дипломатијата Венизелос за грчките медиуми изјави дека ДУИ и Грција имаат ист став за решавање на спорот. Грчкиот став и позицијата за името е добро познат, нема Македонци, нема Македонски јазик и нација.
Во 81. број на неделникот „Република“, поранешниот амбасадор Ристо Никовски детално ја опиша опасноста од ваквиот став на претседателскиот кандидат на СДСМ.
– Некој, очигледно, не знае што е тоа идентитет или не сфаќа како се чува тој, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски. По тој рецепт, неминовно следува договор наметнат од страна, кој претпочита пораз – вели дипломатот.
НИКОВСКИ: Барањето домашен консензус, по принцип на рамковниот за решавање на проблемот со името може да се сфати само како повик за (нова) – капитулација. Таквото размислување, во најмала рака е, неодговорно. Да потсетиме дека, како резултат на некадарност и капитулантско водство, ние ја загубивме војната во 2001 година. Логично, следуваше договор наметнат од страна, со кој се валоризираа интересите на победниците. Не македонските. Државата беше рекомпонирана на неприфатлив начин и последиците допрва ќе следат. Тоа, меѓутоа, не значи дека Рамковниот не треба да се почитува. Ние сме го прифатиле и потпишале, и тој мора да се спроведува иако не треба да имаме дилеми за неговиот карактер.
Зошто сега треба да прифатиме нов пораз? Кои се добивките поради кои треба да се прекрстиме и откажеме од самите себе? Тоа е цената што се бара од нас. Ни помалку ни повеќе. Ако некој има „аргументи“ за такво нешто, а не може да има, нека ги каже, та да размислиме. Сите трубат дека решението за името не смее да го доведе во прашање идентитетот на народот. Тоа е одлична појдовна основа. Следниот чекор, меѓутоа, покажува дека некои или не знаат што е тоа идентитет или не сфаќаат како се чува тој. Така почнуваат проблемите. Се лицитира со некаква промена на референцата за трајно име за надворешна употреба што е рамно на капитулација и отворено прифаќање на разнебитувањето на македонскиот народ. Без поширока елаборација, само да кажеме дека при такво решение, од тој момент, „Македонци“ за светот, со сите придавки македонски/а/о (народ, јазик, производи…), ќе бидат измислените 2,5 милиони од Грција, а не ние. Ние ќе бидеме нешто – трето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


