| четврток, 6 декември 2018 |

Во игра лажни проекти, министерски и директорски позиции – паника и нервоза во СДСМ

Партиски извори информираат дека извесниот двоен пораз на претстојните избори и слабиот рејтинг што го има партијата на помалку од еден месец од изборите го принудуваат раководството да смислува сценарија како да излезе на изборите.

Откако станува јасно дека за партијата е невозможна мисијата да се добие мнозинската поддршка од граѓаните, раководството на СДСМ решило да понуди нереални ветувања, кои е неверојатно да се исполнат, но во ситуација кога се губи, планот е колку што може да се спасат работите од пропаст и  со големи проекти да се привлечат гласови.

Иако неколкуте стручни лица што биле консултирани од раководството на СДСМ за проектите што СДСМ планирал да ги понуди излегле со мислење дека е нерално да се реализираат и не се издржани, Заев и Шекеринска го сметале токму спротивното, дека тоа и не е толку битно бидејки и така веќе е извесен победникот на овие избори. Идејата на лидерите на СДСМ била барем да остане да се памети дека СДСМ понудил големи проекти, дури и по цена гласачите да бидат излажани.

Наспроти ваквите ставови, во партијата постоеле мислења дека раководството не треба да  има таков нечесен пристап и дека тоа брзо ќе биде разоткриено од гласачите. Сепак Заев и Шекеринска тврдоглаво ја бранеле својата намера со цел да се збијат редовите и да се амортизира растечкото незадоволство во партијата, пред сѐ поради одбивањето на раководството на СДСМ да се соочи со народот. Дополнително, Заев за да ги намали тензиите кај дел од партиското раководство на централно и на локално ниво решил да направи компромис со проектот „Влада во сенка“ каде што коментарите се дека министерските ресори веќе им ги понудил на повеќе луѓе  при што, со цел да купи мир, Заев едно министерско место нудел на неколку кандидати.

Веќе е познато дека министерското место за правда во владата на сенка му било понудено и на Шилегов, но и на адвокатот Мирослав Вуиќ. Местото за евроинтеграции им било понудено на Лидија Димова и на Ана Павловска-Данева, а дел од членовите тврдат дека таква понуда стигнала и до Каролина Ристова-Астеруд.

Заев имал идеја таа влада во сенка да биде со поширок опсег, па затоа  местото транспорт и врски им го понудил  на Љупчо Балковски од ВМРО-народна, како и на  поранешниот градоначалник од Охрид ,Александар Петрески. Неформална понуда стигнала и до архитектот Мирослав Грчев.

Ресорот земјоделство, исто така, било понудено на неколкумина, на соработничката на Велија Рамковски Ленче Николовска,  на пратеникот Митре Велјановски, како и на поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцевски.

За ресорот правда понуди стигнале до Маргарита Николовска – Цаца, а во игра била и Ана Павловска-Данева како и Ленче Софрониевска.

За економија кандидати биле Дамјан Манчевски, Кире Наумов и професорот Ванчо Узунов. За местото премиер вчера, и официјално, на митинг, за кандидат се легитимираше Заев, што е одлука што треба да ја намали штетата откако тој одби  да преземе директна одговорност и да се кандидира на листите на СДСМ.

Кај голем дел од партиското раководство веќе почнале шеги за начинот на кој Заев сакал да ја смири тензијата во партијата при што малкумина сериозно ги доживувале одлуките на лидерот. Најкомични биле коментарите во општинските партиски тела каде што незадоволството се смирувало со делење директорски места при што дел од приврзаниците на Заев и тој самиот биле цел на директни критики и навреди поради несериозниот однос на врвот на партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top