
Лидерот на ПАСОК и вицепремиер на Грција, Евангелос Венизелос, во изјавите од Брисел навести дека Метју Нимиц подготвува нов предлог за Скопје, пишува грчкиот весник „Прото тема“ .
По вчерашната средба во Брисел со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, Венизелос изјави дека со Бан разговарале за „кипарското прашање и за иницијативата на Нимиц во врска со прашањето за името“.
Токму во оваа изјава на Венизелос, „Прото тема“ гледа навестување за нов предлог на Нимиц, што го поврзува и со најавената посета на медијаторот на регионот, по изборите во Македонија и Грција со цел да даде нов предлог, јави дописникот на МИА од Атина.
Весникот потоа го повторува својот коментар од минатата недела дека за 22 години, колку што трае неизвесноста меѓу Грција и Скопје за името, кога преговорите „стагнираат“, Нимиц се повикува на претстојните избори во Грција или Македонија за да го оправда фактот дека во преговорите меѓу двете земји нема напредок.
Кратката средба меѓу шефот на грчката дипломатија и Бан Ки-Мун се одржа на маргините на самитот ЕУ-Африка во Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


