
Меѓународната изложба„Словенските главни градови во 2Д“ која е отворена во Македонската академија на науките и уметностити (МАНУ) содржи најразлични типови и форми на пишувана меморија од најстари ракописи, мапи и планови, фотографии, постери, снимки, до современи дигитални документи кои сведочат за богатото културно наследство и повеќеслојна историја и традиција на 13 словенски престолнини: Скопје, Белград, Братислава, Минск, Цетиње, Москва, Софија, Киев, Прага, Варшава, Љубљана, Сараево и Загреб.
Изложбата е резултат на соработката меѓу Државниот архив на Македонија и историските архиви од Белград, Љубљана, Киев, Братислава, Минск, Москва, Прага, Сараево, Софија, Варшава и Цетиње.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето рече дека изложбата „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“ е резултат на успешната работа на Форумот на словенските култури, кој веќе 10 години ги негува културните традиции на словенските народи и ги промовира како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
– Државниот архив на Македонија заедно со историските архиви од Белград, Љубљана, Киев, Братислава, Минск, Москва, Прага, Сараево, Софија, Варшава и Цетиње преку изложбата ни ја претстави прекрасната духовна и материјална вистина за развојот на словенската цивилизација. Оваа изложба овозможува посетителите да се запознаат со динамичните културно-историски процеси на словенските престолнини, откривајќи ја нивната историја, култура, религија, нивните културни и општествени збиднувања – рече Канческа Милевска.
Таа истакна дека со претставувањето на изложбата во Република Македонија почнува одбележувањето на големиот јубилеј, 10 години од постоењето на „Форумот на словенските култури“.
Во Македонија во втората половина на годинава ќе се организира и третиот семинар од доменот на музејската дејност посветен на театарските поставки во музеите, во рамки на кој ќе се реализира и концерт на музички ансамбли кои ќе го презентираат нематеријалното културно наследство на земјите-членки на Форумот на словенските култури.
Директорот на Државниот архив на Македонија, Зоран Тодоровски рече дека посетителот на изложбата која ќе биде отворена до 7 април, има ретка можност на едно место да го види историскиот развој односно процесите и предизвиците со кои се соочувале главните словенски градови во Европа низ својот историски развој.
– Изложбата го опфаќа историскиот развој на градовите од нивното основање до денес. Секој главен град е претставен на три паноа, а на секое пано се претставани пет до осум значајни архивски материјали односно документи, фотографии, планови, мапи, ракописи… Текстовите на паноата и во објавениот каталог се на националниот јазик на државата и на англиски јазик. Скопје е претставен на три паноа со 16 архивски документи, проекти итн. кои датираат од средината на 19 век до 1966 година, истакна Тодоровски и додаде дека изложбата ја презентираат на Денот на архивската дејност на Република Македонија.
Изложбата е работена под покровителство на УНЕСКО и на 6 мај 2013 година беше промовирана во неговото седиште во Париз, а ќе биде промовирана и во другите градови, чии архиви учествуваат во проектот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


