Куманово е град што се наоѓа на североисточниот дел на Република Македонија, од двете страни на реките Липковка и Кумановка. Според легендата, името на населбата потекнува од името на воинственото племе Кумани, кои во 1094 година навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешната кумановска општина и пошироко. Не постојат други претпоставки за името. Се претпоставува дека Куманово било основано во 12 век во близина на селото Жеглигово, со цел да го чува преминот меѓу реките Вардар и Јужна Морава. Во 1519 година, во турските документи се споменува како село во состав на Нагоричката нахија, со 52 семејства и со околу 300 жители. Како градска населба (касаба) се споменува во втората половина на 17 век.
„Населбата Куманово се наоѓа на територијата на Скопскиот санџак и претставува еден војводлак. Градот е украсен со многу реки, закитен со 600 куќи, покриени со керамиди“, напишал Евлија Челебија во 166 година, кој дал најопширни и најзначајни податоци.
Како резултат на богатата историја и на опкружувањето, на територијата на градот и во околината се наоѓаат голем број историски и културни знаменитости, кои датираат од предисториско време до денес. Најстари локалитети се: Костоперска Карпа, Градиште кај селото Пелинце, неолитскиот локалитет кај селото Долно Нагоричане. Црквата „Св.Ѓорѓи“ (Старо Нагоричане) изградена во 1071 година, реконструирана во 1318 година, и црквата „Св. Богородица“ (село Матејче) од 1350 година се најпознати културни и религиозни објекти од оваа епоха. Од 17 век се останати следниве обележја во Куманово: црквата „Св. Петка“ во селото Старо Нагоричане, џамијата Екси, црквата „Св.Никола“, како и манастирот во селото Градиште.
На 35 километри од Куманово, на надморска височина од 1013 метри, сместена на неовулкански рид веднаш под врвот Татиќев Камен, се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино.
Кој од нас барем за миг не посакал да биде крал? Да биде владетел, да биде меѓу ѕвездите? Моќно. Многу моќно било чувството четири илјади години наназад да бидете дел од магијата и мистиката на оваа света планина, каде што и камењата имаат душа. Едноставно ви застанува здивот од уметноста на вашите предци, кои со неверојатна прецизност ги длабеле маркерите за одбележување на изгревањето на сонцето и на месечината. Со математичка прецизност ги утврдувале местата на сонцето во денот на долгодневицата, пролетната и есенската рамноденица, минималното и максималното отстапување на месечината во зимскиот период и слично. И точно знаеле дека сето тоа ќе се повтори точно по 18,6 години. Опсерваторијата е стара четири илјади години и преку неа може да се одредат четирите главни позиции на месечината и трите главни позиции на сонцето во текот на една година.
– Народот од дамнина верува дека постојат три света – нашиот, горниот и долниот свет, но овие народи што опстојувале пред 4.000 години живееле во единство со светот. Има голема разлика со тоа каков однос имале тие луѓе со вселената. Но, треба да се посочи дека тие имале огромна власт со тоа што ги предвидувале затемнувањата. Луѓето отсекогаш затемнувањето го поврзувале со магиски и лоши сили, па затоа и се плашеле од тоа – смета Ѓоре Ценев, раководител на археоастрономските истражувања на опсерваторијата.
Возбудува податокот дека некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите на ритуалните обреди, како и за почнувањето на сезонските работи во земјоделството и во сточарството.
На локалитетот е лоцирана централната позиција за набљудување на небесните тела, како и седум маркери изработени во вертикалните карпи со кои се означувале местата на изгрејување на сонцето и на месечината. Тука ќе ги најдете камените седишта наречени тронови, издлабени во карпа, поставени во правецот север-југ. На овој начин, доколку сте седнат на ова и само на ова место, вас и само вас ве осветлува првиот утрински сончев зрак. И вие и само вие сте во таа непосредна врска со бога.
Оперски ѕвезди на македонскиот Стоунхенџ
Познати светски оперски имиња се во преговори за настап на отворено на Кокино, а деталите за ваквите концерти ќе се знаат наскоро. Засега не се соопштуваат детали за концертите, а планирано е со овие настани локалитетот да добие дополнителна промоција во светот.
Поради овие настани се очекува и зголемена посетеност на Кокино, но затоа е активна чуварската служба, која ќе го штити локалитетот од можните оштетувања.
– На Стоунхенџ пред шеесетина години поставуваа електрични столбови, а сега сето тоа се трга и сѐ се враќа кон природниот изглед на местото. Ние нема да дозволиме Кокино да биде изменето и ќе го зачуваме – велат археолозите.
Во 2005 година НАСА го стави Кокино на четвртото место на листата со најстари и најважни астрономски опсерватории на светот. Пред него се Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Ангкор Ват во Камбоџа.
Првите наоди биле добиени истата година кога била откриена населба од бронзениот период, населба што, според својот изглед и димензии, се разликувала од слични вакви археолошки населби.
Во 2001 година археологот Јовица Станковски од Народниот музеј во Куманово во близината на селото Кокино откри големо наоѓалиште на керамика од бронзениот период. Локалитетот зафаќа површина од околу 5.000 квадратни метри скалесто поставен на две платформи веднаш под планинскиот врв Татиќев Камен, со надморска висина од 1.013 метри, соопштуваат оттаму. Со археолошките истражувања е откриен ѕид, кој се конзервираше, бидејќи веќе е испратена апликација до УНЕСКО за заштита на локалитетот.
– Тоа што беше неопходно е делот што беше истражен да се конзервира, интензивно се работеше – потврди министерката Елизабета Канческа-Милевска.
Археологот Јовица Станковски објаснува дека локалитетот Кокино континуирано се истражува од 2001 година и дека се завршени археолошките истражувања во делот што му припаѓа на светиот простор каде што се изведувани обредите.
Локалитетот во меѓувреме стана културно наследство од исклучително значење, што е единствен статус на културно-историски локалитет во земјава.
Фондација за афирмирање на Кокино
Фондацијата „Кокино“ со седиште во Скопје има за цел заштита и афирмирање на оваа мегалитската опсерваторија пред домашната јавност и светот. Таа има програма и статут за работа, а активностите се финансираат од донатори, правни и физички лица од Македонија и од странство, за што веќе постои голем интерес.
– Подготвен е план за управување на Кокино. На мегалитската опсерваторија ќе продолжат археолошки истражувања, а локалитетот ќе биде промовиран и преку организирање разни настани, кои ќе се случуваат таму – велат оттаму.
Освен археологот Јовица Станковски, основачи на Фондацијата се и Билјана Станковска, Невенка Перица, Јован Ристов, Татјана Ѓуровска, Петар Петренко и Сашо Ѓуровски. Меѓу другите органи и тела, предвидено е во неа да функционираат и клуб на донатори и клуб на пријатели на Кокино. Поставени се и патокази, а се гради и барака каде што ќе се продаваат брошури за опсерваторијата и ќе се продаваат сувенири.
Оправданоста на барањето за вклучување на мегалитската опсерваторија меѓу светското културно наследство вели дека Кокино е единствен исклучително добро зачуван локалитет од бронзено време во Југоисточна Европа, кој е сведоштво за човековата генијалност во искористувањето еден специфичен природен ресурс за своите потреби и верувања.
– Бидејќи Кокино има значење како древна опсерваторија и света планина, нашата кандидатура се однесува на него како опсерваторија со археолошки локалитет, а тоа значи комбинирано културно наследство или заштита како културен предел што ги вклучува сите негови димензии како културно и природно наследство – стои во апликацијата на Кокино.
Апликацијата на листата за чекање на УНЕСКО не значи и автоматско вклучување на Кокино на светски престижниот список на споменици.
Карактеристично е дека Кокино е комплексен локалитет. Пред да стане опсерваторија, најверојатно бил света планина на која се изведувани повеќе култови, а еден со сигурност бил присутен: култот на Големата мајка (Магна матер), значи Мајка на сите богови.
Вториот култ е, најверојатно, култот на светиот брак меѓу Мајката земја и Сонцето, култ што во тој период бил распространет низ Медитеранот. Зборуваме за вториот милениум пред нашата ера, кога карпестиот планински врв се персонофицира како тело на божицата Мајка, Мајката земја и во одредени временски периоди на овие одредени места првите сончеви зраци што паѓале го означувале почетокот на таа света врска, свет брак меѓу Земјата и Сонцето, од кое понатаму ќе заживее сè живо во природата.
Ова е света планина и секое приближување кон неа буди чувство на почит. Четирите илјади години побиваат четири илјади говорници за нашето (не)постоење. Мистичноста на овој простор ве води во размислување за едно место на кое еден народ живее со генерации.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.