| четврток, 6 декември 2018 |

И партија на љубовниците ќе учествува на изборите во Индија

Околу 814 милиони регистрирани избирачи во Индија во април ќе ја изберат својата најпосакувана политичка опција. Во втората најбројна земја во светот дури 1.600 регистрирани партии, а некои од нив имаат исклучително необични имиња.

Како што пишува Би-Би-Си, Би Кумар Сри Сри е човекот кој ја формира Партијата на индиски љубовници. Симболично, партијата е формирана на Денот на вљубените, 14 февруари 2008 година.

На партиските плакати на „индиските љубовници“ доминира бејби-розовата, а накитени со срца партиските активисти ја промовираат идејата за слободна љубов меѓу луѓето кои им припаѓаат на различни касти и вери, што им е забранета од родителите.

Лидерот на партијата ги избра кандидатите кои ќе се борат за гласовите на избирачите од државата Тамил Наду, а се надева дека тие ќе освојат меѓу 40.000 и 50.000 гласови.

Во 2011 година, на државните избори, партијата ја освои довербата од само 3.000 избирачи. Засега „љубовничката партија“ функционира само во оваа држава, но нејзиниот лидер најавува дека по претстојните избори партијата ќе се регистрира и на федерално ниво. Симбол на партијата е Таџ Махал врамен во срце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top