На неколку часа пред истекот на рокот за поднесување на листите со кандидати за пратеници до ДИК, во опозициската СДСМ владее вистински хаос. Партиски изводи за „Република“ откриваат дека од една страна има големо незадоволство меѓу членството за имињата што беа објавени дека ќе се најдат на листите, а од друга страна има несогласувања меѓу претседателот и потпретседателката на партијата за тоа кој да биде кандидат за премиер.
За поголемиот дел од СДСМ извесно е дека потпретседателката на партијата Радмила Шекеринска ќе биде кандидатот за премиер. Партиски извори потврдуваат дека шансите за смена на оваа одлука се минимални, а информациите дополнително ги потврдува и фактот што откако ова беше објавено во медиумите досега не беше демантирано од СДСМ.
Во меѓувреме, се продлабочуваат и караниците за составот на пратеничките листи. По повлекувањето на Митре Велјановски и физичката пресметка на членството со актуелниот пратеник во Кочани, од партијата говорат за уште вакви случаи.
Од листата се повлекол и Нано Ружин, а уште неколку други кандидати за пратеници што се најдоа на листите, кои ги објавија порталите блиски до партијата, најавиле свое повлекување со образложение дека не сакаат да бидат искористени како алиби од раководството за сѐ поочекуваниот двоен пораз на изборите. Тие му забележуваат на раководството што не ја делат одговорноста за резултатот на изборите заеднички и што не се дел од пратеничките листи. Револт има и поради тоа што на листите се најдоа луѓе што се сметаат за продолжена рака на раководството. Особено незадоволство било изразено од кандидирањето на струмичкиот пратеник Панче Орцев, кој важи за близок до Заев, за кого во јавноста беа обелоденети бизнис-релации на неговото семејство со општина Струмица и со Заеви.
Не помал бил револтот во базата и од кандидирањето на Бетијан Китев, кој исто така загуби на локалните избори во Кавадарци, но најголемо незадоволсво имало поради кандидирањето на носителите, особено за за носителот на листата во ИЕ4 Хари Локвенец, кој веќе еднаш се испроба на избори и загуби убедливо од Марјан Ристески на минатите избори.
Сличен бил револтот и од кандидирањето на Васко Ковачевски од Битола и Марјанчо Николов, кои како истурени играчи на СДСМ имаат забележано неколкукратни порази.
Неизвесноста околу кадровскиот состав на листите останува до самиот крај, односно до вечерва, кога е и последниот рок за предавање.
Дека работите не се одвиваат како што треба укажува и фактот што СДСМ иако ги објави листите на ним блиските портали, истите ги нема официјализирано на својата веб-страница.
Заев се обидува да го купи мирот со составување влада во сенка доделувајќи повеќе функции. Па така извори потврдуваат дека се случувало една фунција да им ја понуди на двајца или на повеќе.
Министерското место за правда во владата во сенка му било понудено и на Шилегов, но и на адвокатот Мирослав Вуиќ.
За евроинтеграции се споменуваат и Лидија Димова и Ана Павловска-Данева, но викаат дека таква понуда стигнала и до Каролина Ристова Астеруд. Процесот на избор не е завршен, додаваат извори од партијата.
Заев се наоѓа во незавидна позиција. Пендаровски му забележал на лидерот дека го пуштаат сосема сам на митинзите и дека наспроти владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која излегува организирано и единствно, СДСМ покажува неединство. Тој, исто така, забележал што од СДСМ не се потруди да напише каква било програма за претседателските избори за да може да изгледа поубедлив нивниот настап.
Сите извори упатуваат на тоа дека подготовките во СДСМ не се за победа, туку подготвување терен за преживување на сѐ поизвесниот двоен пораз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.