Наводната внатрепартиската војна се води жестоко и јавно само на „Фејсбук“, а во кулоарите на Бихаќка и натаму се шепоти дека Пендаровски сериозно води на листите за шеф, но не на државата, туку на партијата. Неизвесност околу изборите и резултатите и така не постои, па и натаму главно прашање е кој ќе направи подобар резултат во споредба со претходните избори, односно Пендаровски наспрема Фрчкоски, од една страна, и Заев наспрема Црвенковски во втората рунда. Ова второто, пак, звучи премногу остро и богохулно за социјалдемократските уши бидејќи претпоставува битка на ученикот и учителот, кој за многумина сѐ уште е идол, најдобриот од најдобрите, човек со кој многумина минаа добри години на власт. Народски кажано – башка почит, башка носталгија по моќ.
Но, спротивставеноста на Заев и Пендаровски, колку и да тврдат од Бихаќка дека е фингирана и нечија желба, си има свои граници. Сепак тие се производ на една патрица поставена од вечниот лидер Црвенковски и како таква не може да биде променета. Заев и Пендаровски можат да глумат конфликт но тие никогаш не можат да имаат стратешки различни позиции. Во две работи, очигледно, добро се согласуваат. Првата е антагонизмот кон ВМРО-ДПМНЕ, а втората името. Случајно или не, во рок од два месеца и двајцата излегоа со некакви идеи за негово решавање. Едниот дома, другиот во туѓина.
Во потрага по рамковен компромис за името
Лидерот на СДСМ направи излет на ова поле во Брисел при божикната посета на Штефан Филе. Очигледно, ослободен од товарот на притисокот и тремата од македонските медиуми, на кои „културно“ одби да им даде изјава, Заев се отпушти и заборави на новата ролја на заштитник на името, па пред избраниот, подобен медиум му се испушти потсвесното. Лидерот прво соопшти дека со Филе зборувале конкретно за името.
– Нотиравме неколку идеи како би можело да се случи тоа, за секако да конвергираме до конечната цел, да се најде решение – изјави Заев за кажаното веднаш да биде демантирано од партијата, како никогаш да не се случило.
– На средбата воопшто не се разговараше за какви било детали поврзани со преговарачкиот процес – соопштија со брзина на светлината од Бихаќка демантирајќи го или поправајќи го кажаното од сопствениот претседател.
Никој никогаш не објасни какви идеи за името му дале Заев и Шекеринска на Филе, или тој ним…
Пендаровски, пак, во две последователни интервјуа, за два сосема различни медиуми – портал и ТВ – кои на Бихаќка не би ги поделиле според таа класификација, туку, поради милувањето за лепење етикети на сѐ и сешто, би ги опишале како провладин и „независен“ медиум, даде две изјави кои се поблиски до стариот отколку до новиот Заев. И двете се дадени за дваесет и четворки, но со различен поларитет за спомнатата уличка, т.е. една подобна и една неподобна, плус и минус. А, резултатот ист.
Рамковизација на името = капитулација и пораз
Во последното интервју за порталот „Прес 24“, два месеца пред да се обелодени неговата кандидатура, Пендаровски изјави дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратегиски цели утврдени во 90-тите години остануваат исти или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, а веднаш по прифаќањето на кандидатурата во интервју за „24 вести“ изјави дека компромис е возможен само со консензус од сите релевантни политички субјекти, по принципот на Рамковниот договор.
Познавачите на состојбите идејата за рамковизација на преговорите за името ја оценија како неодговорен чин кој повикува на капитулација. Некој, очигледно, не знае што е тоа идентитет или не сфаќа како се чува тој, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски. По тој рецепт, неминовно следува договор наметнат од страна, кој претпочита пораз, вели дипломатот.
Никовски: Барањето домашен консензус, по принцип на Рамковниот, за решавање на проблемот со името може да се сфати само како повик за (нова) – капитулација. Таквото размислување, во најмала рака е, неодговорно. Да потсетиме дека, како резултат на некадарност и капитулантско водство, ние ја загубивме војната во 2001 година. Логично, следуваше договор наметнат од страна, со кој се валоризираа интересите на победниците. Не македонските. Државата беше рекомпонирана на неприфатлив начин и последиците допрва ќе следат. Тоа, меѓутоа, не значи дека Рамковниот не треба да се почитува. Ние сме го прифатиле и потпишале, и тој мора да се спроведува иако не треба да имаме дилеми за неговиот карактер.
Зошто сега треба да прифатиме нов пораз? Кои се добивките поради кои треба да се прекрстиме и откажеме од самите себе? Тоа е цената која се бара од нас. Ни помалку ни повеќе. Ако некој има „аргументи“ за такво нешто, а не може да има, нека ги каже, та да размислиме. Сите трубат дека решението за името не смее да го доведе во прашање идентитетот на народот. Тоа е одлична појдовна основа. Следниот чекор, меѓутоа, покажува дека некои или не знаат што е тоа идентитет или не сфаќаат како се чува тој. Така почнуваат проблемите. Се лицитира со некаква промена на референцата за трајно име за надворешна употреба што е рамно на капитулација и отворено прифаќање на разнебитувањето на македонскиот народ. Без поширока елаборација, само да кажеме дека при такво решение, од тој момент, „Македонци“ за светот, со сите придавки македонски/а/о (народ, јазик, производи…), ќе бидат измислените 2,5 милиони од Грција, а не ние. Ние ќе бидеме нешто – трето.
И покрај актуелните случувања, запрашан дали има т.н. еволуција во ставовите за името кај македонските партии, особено опозицијата, или се работи за предизборни промени, Никовски е оптимист. Тој очекува позитивни промени кај македонските партии. Вели дека е логично да се претпостави дека на сите им е сѐ повеќе јасно оти тоа е најтешкиот проблем со кој е соочена државата и од кој зависи иднината бидејќи сме блокирани, уценети и под ултиматум од Брисел и од Вашингтон – прво името, потоа членство во НАТО и во ЕУ – дека се работи за проблем кој не е решлив за кратко време и, најважното, не е во прашање само името на државата, туку и идентитетот на македонскиот народ.
Никовски: Ако некој не ги сфатил овие постулати и не се поставува соодветно, може да се смета за заскитан во политиката. Бидејќи има и такви, можни се разни комбинаторики кои би биле и спротивни на македонските интереси. Мнозинството, сепак, би требало сѐ повеќе да биде на линија на одбрана на националните и на државните интереси. Треба да се очекува дека ова прашање ќе биде исклучително важно во претстојните кампањи. Никој нема да смее да го игнорира најголемиот предизвик со кој е соочена земјата. Ако некој настапи со недоволно прецизни и јасни ставови или се осмели да размислува за капитулација од видот на виткање на ‘рбетот – самиот ќе биде дежа ви пред гласачите.
Поранешниот амбасадор, независно од постизборниот резултат, не очекува промени во македонскиот став за името, но затоа, пак, најавува можност за засилен притисок од страна, инициран од идејата за засилување на јужното крило на НАТО, поведено од украинската криза и новите глобално-политички констелации.
Никовски: Македонија нема објективен простор да го менува својот став за името. Во основа, прашањето за нас е да се биде или не. Ако се прекрстиме, отидоа јабана не само народот, туку и државата. Тоа не остава широки маневарски можности. Клучно е дека не можат да нѐ прекрстат без наша согласност, а тој што би ја дал, ако веќе не ги осети последиците веднаш, историјата жестоко ќе го осуди. Следниот самит на НАТО, можеби, ќе биде соочен со нови предизвици во однос на Македонија, во светло на новата конфронтација Вашингтон – Москва околу Украина. Има индикации дека таму ќе доминираат напорите да се зацврсти јужното крило на алијансата, со членство и на Македонија. При такво сценарио, веројатно, прво ќе има засилен притисок да попуштиме, без минимално почитување на исконските, реалните и универзалните интереси и аспирации на Македонија. Ќе се настојува, како и досега, жедни да не пренесат преку вода, уверувајќи нѐ дека црното е бело и обратно. Ако тоа не успее, а шансите им се никакви, може да се отвори перспектива и за влез со референцата. Во прашање се историски промени во Европа и секој играч, и најмалиот, станува – важен. И така да се одвиваат работите, и сосем спротивно, наше е да издржиме и да опстоиме на тоа што сме. Македонци. Сѐ друго, директно нѐ води во пропаст. Да се надеваме дека една од придобивките од овие избори ќе биде и едно ново чувство за себе и за своите, кое би водело до што поширок консензус за спас на Македонија и на Македонците.
Пендаровски: Хашката пресуда е политички мртва
Останува нејасно зошто за Пендаровски, советник на Црвенковски и довчерашен претседател на Советот за интеграции во НАТО на СДСМ, сѐ уште се тврди дека не е дел од партијата, па дури и дека се водела битка меѓу двајца независни, непартиски професори, иако Иванов во ниедна форма не беше присутен во ВМРО-ДПМНЕ пред кандидатурата во 2009 година.
Претходно, тогаш само универзитетски професор и претседател на Советот за интеграции во НАТО на СДСМ, но не и кандидат за претседател, во предлогот за замрзнување на преговорите со Грција во суштина виде обид за оживување на политички мртвата хашка пресуда, две и пол години по нејзиното добивање. – Таквата пресуда нема политички потенцијал – предупреди Пендаровски минимизирајќи ја единствената македонска, барем, морална победа.
(Пишува: Љупчо Цветановски
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.