Претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилковски, на чело на комисијата дојде откако неговиот сопартиец Борис Кондарко поднесе оставка, која беше најавена два дена претходно од неговата партија СДСМ. Рилковски во интервјуто за неделникот „Република“ е многу внимателен во одговорите и не навлегува во толкување на законот. Тоа што зачудува е што Рилковски смета дека Изборниот законик не е добро решение, иако беше донесен на барање на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ безусловно ги прифати сите законски решенија од опозицијата. Првиот човек на ДИК тврди дека досега во својата работа немал никакви притисоци од ниту една партија.
Дали ДИК е подготвена да спроведе фер и демократски избори?
Рилковски: Што се однесува до активностите што се во надлежност на ДИК, тука нема апсолутно никакви проблеми. Секојдневно имаме и работни состаноци и седници на кои строго го почитуваме роковникот за изборите за претседател на Република Македонија на 13 април 2014 година, а паралелно ги подготвуваме сите тие, би рекол, технички работи, поточно најразлични одлуки, обрасци, решенија и формулари неопходни за предвремените парламентарни избори. Но, дали изборите ќе бидат фер и демократски не зависи од ДИК, туку од многу други фактори и од учесниците во изборниот процес.
Се плашите ли од изборни инциденти и од прекршувања на изборниот законик?
Рилковски: Веќе ви реков, инцидентите ниту зависат од ДИК, ниту ДИК е орган што е задолжен за јавниот ред и мир и во предизборието и на денот на изборите. Што се однесува до прекршувања на Изборниот законик, веќе имаме добиено претставки за предвремено почнување на кампањата, а доколку Изборниот законик не се почитува, познато ви е, постојат санкции за прекршителите, без оглед дали се од позицијата или од опозиција.
Сметате ли дека, конечно, имаме Изборен законик што ги задоволува препораките на ОБСЕ и желбите на опозицијата?
Рилковски: Пред сѐ, треба да се знае дека работата на Изборниот законик беше прекината поради распишувањето на претседателските избори, но со ветување од власта дека за парламентарните избори ќе се вметнат сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР и од опозицијата. Тоа не се случи. А, меѓу другото, се работеше и за зголемување на цензусот за мандатите на пратениците во Собранието на РМ од дијаспората. Нема никаква оправданост кој било кандидат од дијаспората да стане пратеник со 500 гласа, кога се знае дека на сите тие што се на пратеничките листи на изборите што се одржуваат во државата за пратенички мандат им се неопходни меѓу 9.000 и 10.000 гласови.
Овозможува ли новиот Изборен законик регуларни избори?
Рилковски: Ви повторувам, Изборниот законик е едно, а регуларноста на изборите нешто сосема друго. Таа воопшто не зависи од Изборниот законик, туку, главно, од учесниците на изборите и, конечно, и од тие што го одржуваат јавниот ред и, по дефиниција, се тие што мора да ги спречуваат евентуалните нарушувања на вообичаениот тек на гласањето.
ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите барања на СДСМ за измени во Изборниот законик. Сметате ли дека некои од нив се чекор назад, како на пример обележувањето со видливо мастило?
Рилковски: Не можам отсега да коментирам дали, како што велите, употребата на видливото мастило за обележување на гласачите ќе биде чекор назад или не. И ВМРО-ДПМНЕ ја прифати оваа новина, а како ќе оди со примената на видливото мастило ќе се види на самото гласање. Лично, оваа новина не ја сметам за нешто што е надминато.
Што мислите, дали ставањето мастило на рацете на гласачите можеше да се избегне за да не нѐ споредуваат со некои африкански земји каде што е ова случај?
Рилковски: И кога се употребуваше спрејот имаше коментари дека е ова недостоинствено обележување на гласачите. Конечно, и видливото мастило не е траен белег. Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека тоа решение ќе нѐ стави во редот на африканските земји, можеа и да не го прифатат ова наше барање.
Власта ги прифати сите барања на опозицијата за Изборниот законик, сепак има ли уште нешто нерасчистено во Законикот, што би било причина некој да се жали по изборите?
Рилковски: Ви реков дека остана отворено прашањето со цензусот за здобивање пратенички мандат во дијаспората. И нагласувам дека тоа не беа само барања на СДСМ, туку и на ОБСЕ/ОДИХР. А за тоа на што се можат да се жалат и да приговараат учесниците во изборите може да разговараме по 13 и по 27 април, кога ќе завршат двата вида избори.
Сега и ДУИ се пожали на Македонците од Пустец. Имаат ли тие право на глас? Каде треба да гласаат?
Рилковски: Денеска, на работен состанок, а потоа и на седница на ДИК ќе разговараме за барањата на ДУИ за избирачкиот список, така што не би сакал да говорам за ова пред да ги разгледаме сите поднесоци.
Очекувате ли проблеми од членовите на ДУИ во Изборната комисија?
Рилковски: Не знам зошто во ДИК би очекувале посебно проблеми со ДУИ. Владејачката коалиција сѐ уште функционира, а дали меѓу нив ќе се појави разногласие по одделни прашања, ќе видите и сами бидејќи седниците се јавни.
СДСМ поднесе жалба за 20.000 фиктивни гласачи низ повеќе места во земјата Колку е реална оваа бројка и како би се прочистила за три дена?
Рилковски: Тоа што ви го одговорив за барањата за ДУИ во однос на избирачкиот список, важи и за СДСМ и воопшто не сакам предвреме да ги коментирам.
Регистрираше ли ДИК досега прекршување на Изборниот законик?
Рилковски: Досега до ДИК се доставени два приговора од една од политичките партии, а се однесуваат на членот 69 – а, а каков ќе биде нашиот став ќе видиме откако ќе ги разгледаме.
Имате ли притисок од некоја од партиите при вашата работа?
Рилковски: Кусо ќе ви одговорам – немам!
Пред да бидат распишани предвремените избори предупредивте дека за ДИК се проблем паралелни избори. Како го надминавте проблемот во Комисијата? И уште поважно, дали имаше потреба од прес-конференции на кои ќе се изложува проблемот, место ДИК веднаш да покажеше капацитет за соочување со предизвикот? Така како што се соочивте откако ве прозва претседателот на Собранието.
Рилковски: Распишувањето на изборите за претседател на РМ и на предвремените парламентарни избори во кои имаше преклопување, воопшто не зависеше од ДИК. Исто како ни толкувањето на Изборниот законик. Претседателот на Собранието на РМ кога ги распишувал предвремените парламентарни избори требало да води сметка за датумите и за преклопувањата, исто како што е водена грижа гласањето за едните или за другите избори да не биде на Велигден. А дали имаше потреба од моја прес-конференција, дозволете, како претседател на ДИК, јас да решам за тоа.
На овие избори ќе имаме и два различни избирачки списока, ваквата ситуција се јавува поради различните рокови за увид. Колку може ваквата ситуација да ја отежни работата на ДИК и дали остава простор за нерегуларности?
Рилковски: Да, на овие избори ќе има два различни списока. Сепак, за да нема забуни ќе ви го посочам членот 43 од Изборниот законик, кој вели: Министерството за внатрешни работи до Државната изборна комисија ги доставува податоците на граѓаните што ги исполнуваат условите да бидат впишани во избирачкиот список, основните судови до ДИК ги доставуваат податоците за лицата на кои со правосилна судска одлука им е одземена деловната способност и податоците за лицата на кои им е изречена мерката домашен притвор. МВР до ДИК четири пати годишно ги доставува податоците, како и наредниот ден од распишувањето на изборите. Значи, ДИК не е надлежен за веродостојноста на податоците во избирачкиот список, туку овие добиени податоци ние само ги препраќаме до Државниот завод за статистика. Со други зборови, нашето учество во избирачкиот список е техничко и ДИК не е таа што може да ја проверува веродостојноста на податоците од МВР.
Дали печатењето отчет е прекршување на Изборниот законик, што има спорно во тоа партиите да кажат што направиле за граѓаните.
Рилковски: Дали е или не е спорно, ќе соопштиме откако ќе бидат разгледани приговорите.
Како оди координацијата со МВР при подготовките за изборните денови?
Рилковски: Постои правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите, кој е изработен во соработка со МВР.
Се исправија ли пропустите од минатото, кога за официјалните резултати чекавме по десетина дена?
Рилковски: Никогаш не се чекало десетина дена за изборните резултати. Непосредното по завршување на гласањето и во прес-центарот, а и на нашата официјална интернет-страница во живо одат добиени резултати од сите гласачки места, така што јавноста е максимална. Постојат рокови утврдени во Изборниот законик, според кои ДИК ги соопштува резултатите.
Очекувате ли проблеми со изборите во дијаспората, со оглед на тоа што овој пат ќе има многу поголем број регистрирани гласачи?
Рилковски: Прво, не знам од каде ви е сознанието дека овој пат ќе има многу поголем број гласачи од дијаспората отколку порано? За гласање на претседателските избори се пријавија 9.348 државјани на Република Македонија што се на привремена работа или престој во странство, а 8.311 од нив ги исполнуваат условите за гласање. Можност за гласање има во 47 дипломатско-конзуларни претставништва на РМ во светот, но поради слабиот одѕив за претседателските избори ќе се гласа само во 34 ДКП, а 13 воопшто нема да бидат отворени зашто таму или воопшто немаше пријавени или бројот на заинтересираните беше под 10, кој е пропишан со Изборниот законик како услов за гласање во конкретното ДКП.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со претседателот на ДИК, Никола Рилковски, е објавено во 81. број на неделникот Република, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Да гласаме за нашите: Македонската судиска двојка номинирана за најдобра во светот
-
Огромен пад на гласачите во дијаспората: За референдум се регистрирале 3 проценти од гласачите, а од нив помалку од 1.000 луѓе гласале
-
Пандов: На избирачко место им ги снимавте личните карти и ги објавувавте или тие се од Пустец и не се луѓе?
-
Заврши гласањето во Австралија – излезноста е 7,73%