Ние ја држиме главата во песок и негирањето на реалноста не помага. Мора да бараме решение без максимализам, сложено име со кое соседната земја јасно ќе се разликува од грчка Македонија.
Ова е ставот на грчката политичка партија „То Потами“ за спорот со името на Македонија кој го соопшти во повикот до граѓаните да гласаат на изборите за Европскиот парламент на кои на 25 мај ќе бидат избрани 21 претставник на Грција.
– Прашањето за името на Македонија трае со децении, но без резултат за Грција и покрај нејзиниот решителен став. Грција првично постигна соседната земја да биде меѓународно призната со привремено име. Денес, меѓутоа, бројни влади и организации ја признаваат земјата под уставното име. Ние ја држиме главата во песок и негирањето на реалноста не помага. Дури и сега, ние мора да бараме решение без максимализам, сложено име со кое соседната земја јасно ќе се разликува грчка Македонија-истакнува „Потами“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, партијата нагласува дека „Скопје е пример за отсуство на стратегија во грчката надворешна политика“.
– Ние покажуваме посебна тупаница кога се зборува за овие прашања внатре, но надвор се колебаме меѓу улогите на непослушно дете и сиромашен роднина – истакнува „Потами“, која според последните испитувања на јавното мисклење е трета политичка сила во Грција.
Голема прашина околу ова прашање прв крена писателот Никос Диму, кој како член на партијата изјави дека Грција веќе загуби во однос на прашањето за името, затоа што 95 проценти од државите во светот го прифаќаат името Македонија. Во гостување на телевизијата „Скај“ тој рече дека поддржува решение врз основа на сложено име со географска одредница, но додаде дека се согласува оти Македонија може да се нарекува како што сака, „па и Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.