Со доближувањето на локалните избори во Грција, почнаа и препукувањата по социјалните мрежи меѓу кандидатите за градоначалници, при што неизбежна тема е и името на Македонија.
Кандидатот заградоначалник на Солун на „Граѓанската алијанса“ Макис Стерјиу преку својата страница на Фејсбук, му порача на актуелниот градски татко Јанис Бутарис дека „жителите на Солун не ги делат неговите ставови за прашањето за името“ и го повика да има „јасна позиција“ за ова прашање.
– Наредните денови почнува нова рунда преговори со цел да се најде взаемно прифатливо решение за името. Градоначалникот на Солун треба да има јасна позиција за името на Скопје. Да не и намигнува на соседната држава и скопјаните да го сметаат за сојузник во обид да се смени историската вистина. Господинот Бутарис треба да го запре флертувањето со Скопје, напиша Стерјиу.
Тој уште го повика солунскиот градоначалник „во преостанатите денови од неговиот мандат да се спротивстави на иредентистички практики на соседната земја и да не ја навредува историјата на градот и институцијата што ја претставува“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.