Актерката Ѕвезда Ангеловска е авторка на македонската порака за Светскиот ден на театарот, 27 март.
„Не бидете затекнати од убавината на играта на сцената, туку играјте и само играјте, не престанувајте, како и во животот, не барајте станица каде да застанете, туку барајте повторно од каде да тргнете. Каде и да сме, во овој современ свет, никој не може да не скрие во Театарот, зашто таму си го даваме сопственото право да бидеме најгласни со вистината, најточни со визијата…
Македонската актерка и режисерка, вработена во Македонскиот народен театар (МНТ) уште напиша:
– Јас гледам Театар – секаде, во секое општество, секоја култура, во секоја уметност. Јас гледам Театар – секогаш. И не сакам да го замрзнам како фотографија, за да го чувам како убав или лош спомен, туку сакам да го барам, заедно со другите трагачи, за да живее, дише со секој неповторлив миг, без страв, да се соочам со сите предизвици, да се соочам со непознатото, со себеси, за да биде препознаен или не од другата страна. Пријатели, колеги, вљубеници на Театарот, залудни би биле сите напори за да ја разоткриеме неговата тајна, залудни се и овие мои мали зборови за да се запрашаме или замислиме што сакаме од себеси во него. Единствено ни преостанува да го признаеме, не само со рефлекторите или другите магични средства, туку длабоко во срцето, нека ни затрепери, па макар и да боли – Патот до него, пишува меѓу другото во пораката на Ангеловска.
Одбележувањето на Меѓународен ден на театарот е инициран на деветтиот Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт (ИТИ), во јуни 1961, на предлог на Финскиот центар на ИТИ. Од наредната, 1962 година, секој 27 март Светскиот ден на театарот се прославува на различни начини во речиси сто национални центри на ИТИ низ светот и од многу членови на светската театарска заедница.
На Светскиот ден на театарот во театрите низ целиот свет претставите почнуваат со читање на меѓународна, а во некои земји и на национална порака. Македонскиот ИТИ центар од 1997 година го одбележува денот на театарот и со Македонска порака.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.