Драмскиот театар од Скопје задутре ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со три бесплатни претстави „Последните Македонци“ од 12 часот, „Чија си“ од 18 и „Огнени јазици“ од 21 часот. Меѓу претставите, театарот организира и дружење со публиката, разговори за театарот, музика во фоајето, изложби и штанд со книги од „Матица“.
– Драмски ќе ги отвори вратите за својата ценета публика и ќе имаме целодневно театарско дружење. Билетите се бесплатни зашто сакаме да ја почестиме публиката на Светскиот ден на театарот – рече денеска на прес-конференција Роберт Велјановски, директор на Драмски театар.
Според уметничкиот директор Рубенс Муратовски, идејата не е само за тој ден, туку е долгорочна цел и генерална визија за театарот, тој да стане место за дружење и размена на идеи и посетителите да не си заминуваат веднаш по претставата, како и да се истакне моќта на театарот како комплексна уметност која ги обединува сите други уметности.
Светскиот ден на театарот ќе биде одбележан со читање на македонската и на светската порака. Годинава нив ги напишаа актерката Звезда Ангеловска и режисерот Брет Бејли. Во Драмски тие снимени ќе се читаат во фоајето на секој час.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.