| четврток, 6 декември 2018 |

Мими Таневска ја напиша пораката за Светскиот ден на театарот

Премиерно ќе биде прикажан и краток филм, кој го направи Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт во соработка со ИТИ Париз, УНЕСКО. Видеото е со актерката Ирена Ристиќ и во режија на Ана Јакимска

Театарот треба да биде отворена врата за сите храбри, авангардни и креативни идеи. Отворена врата за секоја нова генерација на театарски творци, кои се должни да го надградуваат и да го унапредуваат. Театарот е континуитет и мора постојано да се движи напред, не смее да има празен од, напиша Мими Таневска, актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности во македонската порака по повод 27 март – Светскиот ден на театарот.

– Театарот треба да биде доследен на својата цел: да ги отвора вистинските прашања, да коментира, да просветлува, да вознемирува, да возбудува, да открива, да го одбира и да оди по патот на вистината, да го покренува духот, да воспоставува систем на вистински вредности, да бранува, да раздвижува, да гради високи естетски критериуми, да провоцира, да го брани својот интегритет, да ги крши конвенциите…,  вели Таневска во пораката. Таа ќе биде прочитана во сите театри в среда, кога се празнува денот на театарот, заедно со   светската порака која годинава ја напиша  нобеловецот Дарио Фо.

teatar

По тој повод премиерно ќе биде прикажан и краток филм, кој го направи Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт во соработка со ИТИ Париз, УНЕСКО. Видеото е со актерката Ирена Ристиќ и во режија на Ана Јакимска. На Универзитетот Евро Балкан, каде што е  седиштето на новиот Македонски центар на Интернационалниот театарски институт, во среда ќе има и панел-дискусија на тема: „Какви театарски продукции посакувам/е? Какви видови театри/репертоари ни се потребни?“

Светскиот ден на театарот се одбележува од 1962 година. Датумот 27 март е избран зашто на тој ден пред 51 година е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз. Бил предложен година пред тоа, во јуни 1961 година во Виена, на 9. Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт (ИТИ). Овој ден на различни начини се прославува во речиси сто  национални центри на ИТИ низ светот, а пред почетокот на претставите во театрите се чита меѓународната порака.

Македонскиот ИТИ центар го одбележува Светскиот ден на театарот од 1997 година и со македонска порака. Нејзини автори во изминатите години беа познати македонски драмски писатели, театарски режисери и актери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top