| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска ја отвори изложбата „Париз, те сакам“ во Чифте-амам

Изложбата „Париз, те сакам”, која ни ги претставува делата на авторите кои со поддршка на Министерството за култура, во периодот од 2002 до 2014 година престојуваа во македонското ателје на Меѓународниот град на уметностите – Париз, денеска беше отворена во Чифте-амам. Изложбата ја отвори министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

03 Pariz te sakame

– Во изминатите дванаесет години, повеќе од 100 македонски уметници реализираа двомесечен престој во овој град на уметноста, каде што ги збогатија своите искуства, воспоставија бројни контакти и соработки со релевантни галерии и институции и ја презентираа својата уметност пред француската и европската публика. Македонската ликовна сцена беше претставена преку творештвото на нашите реномирани уметници, како Глигор Чемерски, Коле Манев, Рубенс Корубин, Жарко Башевски, Решат Амети, Роберт Јанкуловски, Антони Мазневски, Јован Шумковски, Илија Пенушлиски, Синиша Кашавелски, Нехат Бекири, Константин Качев и многу други автори кои ја афирмираа македонската уметност и ја вброија во редот на земјите кои со големо внимание ја промовираат сопствената култура во меѓународен контекст. Со задоволство ќе забележам дека благодарение на Договорот кој Министерството за култура на Република Македонија во 2002 година го потпиша со Меѓународниот град на уметности, уште многу македонски уметници до 2060 година, ќе имаат можност да се претстават во македонското ателје, и на тој начин да дадат свој придонес во континуираното присуство на македонската уметност во овој голем културен меѓународен центар, истакна Канческа-Милевска.

04 Pariz te sakame

Со денешната изложба Република Македонија го одбележи Денот на Меѓународната организација на франкофонијата, како полноправна членка од 2006 година.

06 Pariz te sakame

-Би сакала да истакнам дека нашата земја со голема посветеност, во континуитет ги промовира целите и принципите на Меѓународната организација на франкофонијата. Со останатите 77 држави и влади кои се членки и земји-набљудувачи во организацијата настојуваме да ги афирмираме човековите права и културната разноликост, одржливиот развој, борбата против сиромаштијата и мирното разрешување на конфликтите, интензивирањето на дијалогот помеѓу културите и цивилизациите, зближувањето на народите. Република Македонија редовно партиципира во сите иницијативи на меѓународната организација, меѓу кои е и учеството на Франкофонските игри на кои досега имавме забележителни настапи и неколку признанија – рече министерката.

07 Pariz te sakame

Истакнувајќи ја соработката на Република Македонија со Република Франција, со која во 2010 година првпат потпишавме и Програма за соработка во областа на културата, Канческа-Милевска подвлече дека оваа програма овозможи реализација на бројни активности во нашите две држави, во сите сфери од културното живеење, како Францускиот филмски фестивал, Француската вечер во рамките на фестивалот „Охридско лето“, Фестивалот на филмови од Југоисточна Европа во Париз, учествата на фестивалите и многу други активности.

08 Pariz te sakame

-Верувам дека и во иднина, ќе ја унапредуваме нашата меѓусебна комуникација, ќе ги продлабочуваме нашите културни врски и ќе реализираме бројни заеднички проекти. Во оваа прилика би сакала да ја изразам мојата голема благодарност до Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и лично до амбасадорката Лоренс Оер за досегашната успешна соработка. Благодарност и до Францускиот институт и директорот Жан Ив Лавоар за поддршката во реализацијата на големиот број проекти од областа на културата. Исто така во оваа прилика, би сакала да одадам посебно признание до госпоѓата Симон Брино, која е почесен претседател на Фондацијата „Меѓународен град на уметностите-Париз“ за поддршката во презентацијата на нашите уметници во овој центар, заврши Канческа-Милевска.

01 Pariz te sakame

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top