| четврток, 6 декември 2018 |

Како да одите на летен одмор без проблеми

summer-reading

Понудите на туристичките агенции за претстојната летна сезона, веќе се достапни за граѓаните. Нудат повеќе дестинации и попусти за рана резервација и уплата. Грција и Турција се само дел од понудата на туристичките агенции, а попустите се движат до 30 проценти, анализира МИА.

За да го поминете одморот како што сте го замислиле и сакате навистина да се одморите, треба да се запознаете со своите права зашто не често тие се прекршени. Тоа покажуваат и податоците на Организацијата за заштита на потрошувачите каде во текот на минатата година пристигнале 61 претставка од незадоволни граѓани во однос на она што им било понудено и за што платиле.

– Во овој домен имавме случај каде на група потрошувачи им било понудено туристички аранжман врз основа на лифлет каде што било наведено дека доколку го уплатат аранжманот до 15 март ќе добијат 15 проценти попуст бидејќи по истекот на наведениот датум цената значително ќе пораснела. Тоа не се случило и бидејќи потрошувачите забележале на веб-сајтовите за рекламирање производи и услуги со попуст, каде што аранжманот бил понуден со намалување на цената од 20 отсто пред тргнувањето. Во овој случај, во согласност со законот се работи за нечесно пазарано однесување и нечесно рекламирање бидејќи на потрошувачот му се даваат лажни информации се со цел трговецот да си го продаде производот или услугата и секако дека во овој случај потрошувачот треба да го пријави случајот во Државниот пазарен инспекторат и во Организација на потрошувачите на Македонија и да бара соодветно обештетување – велат во Организацијата за заштита на потрошувачите.

Посочуваат дека лани имале повеќе претставки од граѓани што се должи на успешните кампањи што ги спроведуваат за подигнување на свеста на потрошувачите.

Од Организацијата препорачуваа, кога се одлучувате за организирано патување, секогаш да склучите договор во писмена форма кој ќе содржи сѐ што е ветено од страна на туристичкиот работник. Договорот треба да ја содржи дестинацијата, време на престој со датум, категорија на транспортни средства, датум, време и место на тргнување, категорија на сместувањето, локалција, план на оброци, посети, екскурзии или други услуги вклучени во цената, цена на пакет-аранжманот….

Во согласност со законските обврски, организаторот на патувањето треба да издаде и потврда за патувањето која содржи ознака и адреса на органзаторот, име на патникот, место и датум на почеток и завршување на патувањето, датум на престојот, податоци за превозот, престојот, како и други услуги што се опфатени во вкупната цена, најмал број потребни патници, вкупна цена на збирот на услугите предвидени во договорот, условите по кои патникот може да бара раскинување на договорот, како и други податоци за кои смета дека е корисно да бидат содржани во потврдата.

Организаторот на патувањето мора да му даде на патникот збир услуги кои се состојат од превоз, сместување и сите други поврзани услуги. Тој мора да ги почитува сите одредби од договорот кој го потпишал со патникот.

Пред да се склучи договорот и прифати некоја понуда препораката е да се разгледаат понудите на повеќе туристички агенции. Прашајте каква лиценца имаат. Оние со лиценца А можат да бидат организатори на патувања, а тие со лиценца Б можат да бидат само посредници во продажбата на туристичките патувања.

За платената сума задолжително да се земе фискална сметка, која би била потребна  доколку туристичката агенција не го испочитува склучениот договор. За непочитување или неисполнување на договорните обврски од страна на сите вршители на услуги и за причинување штета на патникот, одговара организаторот на патувањето. Секако потрошувачот ќе мора да го оствари своето право врз основа на договорот со организаторот на патувањето пред арбитража или надлежен суд. Организаторот одговара за секоја штета предизвикана од целосно или делумно неизвршување на обврските кои се однесуваат на организирањето на патувањето предвидено со договорот. Организаторот одговара и во случај кога во ангажираниот хотел нема сместување и не може да најде алтернативно адекватно сместување. На пример кога наместо апартман добивате соба со четири кревета, но и кога превозникот нема доволен број седишта за сите патници. Доколку понудената алтернатива не одговара организаторот треба да обезбеди превоз  без доплата за да ве врати назад.

Кога патувањето и одморот се доведени во прашање, потрошувачот има право да бара и паричен надомест за бескорисно изгубено време од одморот. Имотната и неимотната штета се признаваат и се надоместуваат по судски пат.

Во 2012 година според податоците на Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија има пристигнато вкуно 38 претстави, а во 2013 година 61 претставка.  За подигнување на свеста на потрошувачите за своите права во 2013 година се изработени три брошури меѓу кои и Потрошувачите и нивните права при организирани туристички патувања од страна на Организацијата и Министерството за економија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top