| четврток, 6 декември 2018 |

Ниското ниво на размена со Украина нѐ држи подалеку од криза

Трговската размена на Македонија со Украина за 2013 година е 115 милиони американски долари, што е малку во однос на вкупната размена на Македонија со светот, која изнесува 10,9 милијарди долари, па поради тоа не се очекува какво било нарушување во снабдувањето или во цените на производите

Ekonomija80-1

Цената на храната во Македонија останува стабилна и иста како досега. Информациите дека случувањата во Украина може да влијаат негативно врз цената на храната на глобално ниво, особено со оглед на тоа дека оваа земја е една од поголемите производители на пченица и на масло за јадење, засега не треба да нѐ вознемируваат. Ниското ниво на трговска размена на Македонија со оваа земја посочува дека сме настрана од поскапувањата бидејќи пченица, главно, се увезува од Србија и од Бугарија, каде што засега цените се стабилни, а масло за јадење од повеќе земји кои имаат свое производство и не се зависни од Украина.

– Трговската размена на Македонија со Украина за 2013 година е 115 милиони американски долари, што е малку во однос на вкупната размена на Македонија со светот, која изнесува 10,9 милијарди долари, па поради тоа не се очекува какво било нарушување во снабдувањето или во цените на производите – убедуваат економските аналитичари.

Мелничарите се едногласни дека засега кај нив нема криза во снабдувањето со пченица, но тие будно ја следат состојбата на берзите со овој производ.

– Никој од нас не увезува од Украина, но ако има нарушување на светските берзи, ќе се почувствува и кај нас. Но, никој не може да предвиди од кога и како ќе се случува тоа – велат мелничарите.

Според нив, годинава се очекува цената на житото да биде стабилна поради добриот род во Европа и во другите светски житници.

Како и да е, упатените велат дека економските фактори секогаш ги победуваат политичките и дека колку и да се војува, мора да се јаде, па многу е веројатно дека договорените зделки ќе продолжат да се реализираат.

– Тоа може да значи, но не мора, дека ќе има раст на цената на храната. Ако се случи такво нешто, државата си има механизам како да ги заштити своите граѓани – велат аналитичарите.

Што се однесува до вкупната размена меѓу двете земји, таа последниве години била во пораст.

– Вкупната трговска размена на Репуб­лика Македонија со Република Украина во 2013 година достигна вредност од 112,4 милиони американски долари, што претставува раст од 8,9 проценти во однос на истиот период од минатата година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 21,8 милион долари или раст од 19,3 проценти, додека увозното салдо изнесува 90,5 милиони долари, односно зголемување од 6,4 проценти. Евидентиран е негативен биланс во трговската размена со остварен дефицит од 68,6 милиони долари. Интересен е податокот дека извозното салдо е зголемено за  4,2 милиони долари – информираат од Стопанската комора на Македонија.

На страната на извозот најмногу има феросилициум, а на страната на увоз суровини за металургијата.

– Во 2013 година, во  размената на Република Македонија со Украина, најголемиот дел на извозната страна, 78,7 проценти, е регистриран кај извозот на феросилициум (од 21,8 милиони долари вкупен извоз, над 17 милиони отпаѓаат на извозот на феросилициум). Во февруари 2014 година е запрена испораката на феросилициум од земјава за Украина, при што договорите не се прекинати, туку само ставени во мирување. Се чека исходот од кризата во Украина. Тоа, секако, ќе има негативни реперкусии, но не во голема мера бидејќи најголемиот дел од извозот на феросилициум се реализира во земјите од западна Европа – велат од Стопанската комора на Македонија.

Од друга страна, количините од земјоделскиот сектор (зелка и сличен зеленчук, свеж или разладен – 1,3 милион долари, кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, свежи во вредност од 1,2 милион долари) не се незначителни, но сѐ уште е рано да се коментира како би се одразила кризата при извозот на тие производи бидејќи се работи за сезонски производи. Засега нема никакви проблеми или најави за откажување на договорите и на соработката, додаваат од Стопанската комора на Македонија.

Оттаму укажуваат дека Украина е најголем производител на сончоглед (за масло) и на пченица во светот и иако има уште време до жетвата, доколку продолжи ваквата состојба, можно е да се зголеми цената на овие два производа на светската берза.

Според упатените, тоа може да влијае врз цената на маслото за јадење и пченицата и кај нас. Доколку се случи тоа, ќе се бараат начини да се амортизира ударот, и преку различни мерки да се спречи каков било удар врз стандардот на граѓаните.

Доколку се погледне увозот од Украина во Македонија, може да се забележи дека оттаму носиме, главно, плоснатовалани производи од железо и од челик за црната металургија, што донекаде може да влијае врз цените на крајните производи, но се работи за суровини кои се обработуваат во финални производи и потоа се извезуваат, така што влијанието врз македонските потрошувачи и тука е минимизирано.

Од страна на компаниите досега нема укажувања за сериозни нарушувања во  снабдувањето со суровините од Украина. Но, неизвесен е  исходот од кризата и евентуални мерки од меѓународната заедница во смисла на санкции и слично.

Анализите на трговската размена меѓу Македонија и Украина говорат дека на страната на увозот најголемо учество имаат плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик (68 милиони долари), прачки од железо или друг легиран или нелегиран челик (7,9 милиони долари), плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени (3,1 милиони долари), како и други производи во помали количини.

Украина е 24 трговски партнер во поглед на размена на трговски добра на Република Македонија за 2013 година.

Надворешна трговска соработка со Украина

Украина е мошне важен трговски партнер на Република Македонија иако во 2012 и во 2013 година не спаѓа во листата на првите 20 земји што се најголеми трговски партнери на РМ.

Трговската размена меѓу Република Македонија и Украина во периодот од 2010 до 2013 година се движи со следната динамика (податоците во табелата се дадени во илјади американски долари):

Ekonomija80-2

Ekonomija80-3

Извор: Државен завод за статистика на РМ

Структура на трговската размена (извоз – увоз)

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Украина учествува со еден процент во структурата на вкупната трговска размена на РМ со светот во 2012 година и со 1,1 процент во 2013 година.

Извозот од РМ во Украина учествува со 0,4 проценти во структурата на вкупниот извоз на РМ со светот за 2012 година, а со 0,5 проценти во 2013 година.

Увозот од Украина во РМ учествува со 1,3 процент во структурата на вкупниот увоз на РМ од светот во 2012 година, а со 1,4 процент во 2013 година.

Покриеноста на увозот со извозот за 2012 година е 20,6 проценти, а за 2013 година е нешто повисока и изнесува 24,3 проценти, што укажува на неизбилансираност меѓу увозот и извозот, односно значително повисок увоз отколку извоз во оваа земја.

Позначајни производи што од РМ се извезени во Украина за 2013 година со вредност поголема од 100.000 долари се следниве:

Ekonomija80-5

Ekonomija80-4

Деновиве украинскиот министер за земјоделство, Ихор Швајко, предупреди дека е можно да се направи застој во извозот на украинската пченица. Причина за тоа е што во очекување на понатамошниот тек на настаните во оваа земја, увозниците што купуваат пченица од Украина не склучуваат нови договори со украинските извозници.

– Не купуваат жита бидејќи се плашат дека нема да ги добијат испораките. Сѐ уште се чека и засега нема нови договори – вели Швајко.

Украина е трета земја во светот по извоз на пченка, а меѓу првите десет за извоз на пченица. Украинското здружение на производители УАЦ објави дека, и покрај сите случувања, има извоз од нивната земја.
Но, украинските производители не негираат дека следниве неколку дена е можно извозот да опадне бидејќи нема нови договори. Досега од таа земја се извезени 25 милиони тони жито, а до крајот на оваа сезона е планиран извоз на уште 8,7 милиони тони.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 80. број на неделникот „Република“, 14.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top