| четврток, 6 декември 2018 |

Дурловски, Ѓиновска-Илкова и Мијалкова номинирани за „Виртуози“

Ана Дурловски, Весна Ѓиновска-Илкова и Александра Мијалкова се номинирани во категоријата најдобар музичко-сценски уметник во рамките на новата награда „Виртуози“ чие доделување ќе биде на првото издание на истоимената манифестација закажана за втори март на сцената на МОБ.

Петнаесетина национални установи, високообразовни институции и здруженија на граѓани од областа на музичко-балетската уметност веќе ги испратија своите предлози за една од наградите.

Во категоријата музички организатор се номинирани националните установи: Македонска опера и балет, Македонска филхармонија и Охридско лето.

Номинации има и во категориите камерен ансамбл, млад музички уметник,   голем ансамбл, музичка манифестација,  композитор, меѓународна афирмација и музички изведувач.

Министерството за култура ќе ја поддржи новоустановената награда „Виртуози“ во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, на која првпат годинава ќе бидат доделени признанија за најдобрите во повеќе области од културното живеење.

Наградата е установена врз основа на иницијативата на: СОKОМ, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Министерството за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top