Игор Лукшиќ, вицепремиерот на Црна Гора би сакал неговата земја и Македонија да влезат во НАТО и ЕУ на ист датум.
– Со оглед на околностите Црна Гора е единствената земја во овој регион која води преговори со Унијата, но во никој случај не сакаме тоа да биде ситуација во наредните две години – ова го изјави вицепремиерот и министерот за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Лукшиќ, по средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
– Делиме многу слични искуства во претходните десет години кога се во прашање европските, односно евроатлантските интеграции – рече Лукшиќ.
Тој се заблагодари за постојаната поддршка од Македонија во, како што рече, секоја потреба и амбиција на Црна Гора во претходниот период и истакна дека обврска е и на Црна Гора истото да го направи кога се во прашање потребите на Македонија.
На средбата и двајцата соговорници ги потврдија одличните пријателски односи меѓу двете земји и можноста за поголема соработка на економски план. Во таа насока, Лукшиќ веќе најави дека Црна Гора е заинтересирана да ги учи искуствата од Македонија во делот на економската дипломатија и бизнис-поволностите кои ги нуди нашата земја во однос на привлекување на странски инвеститори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.