– Се поголем станува скандалот со доделување средства од норвешката донација во кои директно се вклучени блискиот соработник на Радмила Шекеринска, Јован Деспотовски и фирмата БТ Македонија во сопственост на братучедите на Радмила Шекеринска. Не биле само седум фактури, туку 21 фактура со кои се исплаќани пари на фирмата на братучедите на Шеќеринска – изјави денеска на прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дела не станува збор само за седум фактури од 2014 година, кои фирмата БТ Македонија ги побарува од Секретаријатот за европски прашања за реализација на проектот „Одржливо учење за ЕУ и систем за обуки“ за кои веќе и јавноста е запознаена, туку од документите што ги имаат можело да се забележи дека постојат уште 14 нови фактури, кои, исто така, фирмата БТ Македонија ги побарува од Секретаријатот за европски прашања по истиот норвешки проект.
– Да потсетиме дека директно надлежен за реализација на овој проект од норвешката донација е блискиот соработник на Радмила Шекеринска и член на високото раководство на СДСМ, Јован Деспотовски. Сите овие 14 нови фактури со вкупна вредност од 1.093.790 денари се направени во 2013 година со фирмата БТ Македонија, откако Јован Деспотовски го добил овластувањето да раководи со проектот финансиран од норвешката донација. Ова значи дека Јован Деспотовски како вработен во Секретаријатот за европски прашања бил единствен одговорен да располага со парите што Република Македонија ги добила од Кралството Норвешка како донација, но бил и лично овластен да ја распредели оваа донација. Тој токму тоа и го направил. Средствата од норвешката донација, преку 14 нови фактури и претходно објавените 7 фактури, ги распределил токму на фирмата во сопственост на роднините на неговата шефица Радмила Шекеринска, Искра Петровска и Никола Наумоски, со што им обезбедил бизнис во вредност од 1.871.957 денари. Очигледно, меѓународниот секретар и член на Извршниот одбор на СДСМ, Јован Деспотовски уште еднаш го искористил Законот за јавни набавки каде што нема предвидено законска обврска кога станува збор за странска донација да се избира најдобриот понудувач и бизнисот го доделил на никого друг, туку на блиските роднини на Шекеринска. Од стотина агенции кои постојат во Македонија, очигледно Јован Деспотовски милувал да ја избира онаа на братучедите на Шекеринска – вели Ѓорчев.
СДСМ реагираше на прес-конференцијата:
За тендер доделен од неговата Влада Груевски обвинува некој друг! Прес конференциите на ВМРО-ДПМНЕ стануваат од смешни, посмешни. Ако е и од Влатко Ѓорчев многу е. За тендер доделен во 2014, од страна на Владата на Никола Груевски на определена фирма, да биде обвинувана Радмила Шекеринска, во најмала рака е небулозно.
ВМРО-ДПМНЕ одговори на реакцијата:
Јован Деспотовски го искористил Законот за јавни набавки кој што не предвидува законска обврска да се избира најдобриот понудувач и средствата од таа странска донација без претходно распишан тендер и ги доделил на фирмата на првите братучеди на Радмила Шекеринска.
Скандалозно е тоа за што станува збор за странска донација, за чие распределување на средствата од таа донација е назначен токму блискиот соработник на Радмила Шекеринска и висок партиски функционер на СДСМ, Јован Деспотовски.
Се е јасно, нема бегање.
Молкот од нивна страна е само доказ дека тие се фатени на дело.
Иако СДСМ преку вакви празни соопштенија упорно се обидува да го избегне овој случај во кој што директно се вмешани нивни високи партиски функционери и членови на нивните семејства, јавноста е детално запознаена и ги чека нивните одговори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.