Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Министерството за култура на Република Македонија и оваа година продолжуваат со проектот „Кич, да!?/ Сте или не?/“.
Седма година по ред, проектот чија цел е презентација и промоција на ликовната уметност и доближување на публиката до врвните имиња не само од македонската, туку и од светската ликовна уметност, продолжува оваа година со отворање на изложбата на дела од академскиот сликар Димитар Малиданов, која утре во 20 часот ќе биде отворена во Уметничката галерија во Куманово.
– Во внатрешниот ликовен свет на творештвото на Малиданов симболот на никнувањето, буењето, бликањето е доминантен ликовен елемент. Тоа е затоа и суштествена тематска специфика на неговиот графички лист. Опседнат од она што никне во светот на природата: од билки и овошки, растенија и плодови, треви и лисја; опседнат од една медитеранска ботаника, поточно од цел еден нејзин хербариум опседнат, потем, од загадочната атмосфера на старите македонски цркви и манастири, атмосфера длабоко
нурната во неговиот графички лист, творештвото на Димитар Малиданов го доживуваме не само со силна ликовна, туку, истовремено, и со силна метафизичка сугестија. (…) Со редукцијата на физичките граници на предметот, откривајќи ни го низ неговите
елементарни назнаки, Димитар Малиданов во своите графики отвора влез во еден неисцрпен и нездогледлив свет исполнет со многу оригинални семиотички и архетипски знаци и симболи. Овој редок графичар уште веќе во својата прва фаза беше ја достигнал
својата ликовна зрелост, мудрост и интелктуалност, сфаќајќи дека не е непходно да се рече сè за во графичкиот приказ естетски да биде опфатено сè. Така, останувајќи само на назнаките на предметот, Малиданов ни откри една нова градба на графичката уметност
кај нас исполнета со необична убавина, притоа реализирана со чисти ликовни средства без странични, било историски, било социјални, било психолошки примеси.” (…) Малиданов трага по нешто битно што било, но изчезнало и се изгубило во природата
и историјата, но притоа останало во нас да тлее како призвук на едно меланхолично сеќавање што, инаку, го среќаваме во секој еден хербариум како жал по она што било па изчезнало, како жал за убавината што била па свенела. (…) Неговата графика, според тоа, не е мимеза на предметниот свет, туку негова ликовна егзегеза, односно негово ново оживување во просторот меѓу предметите. Така тој
доаѓа до необикнувување на универзумот на графиката, до нејзиниот имагинативен и надреален вознес при што кај него надреалното е секогаш длабоко вкоренето и содржано во реалното. Декомпонирајќи го природниот предмет, Малиданов потем од неговите
делови создава една нова форма во која повеќе предметот не е во преден план, туку асоцијациите што тој ги разбудува во нас. Притоа, за него најважно од сè е како да се избегне расплинатоста, како неговиот графички лист да се здобие со цврстина, густина
и збитост. Во тоа, имено, ја гледам сушноста на неговата естетика на визуелноста која како црвена нишка се провлекува низ целокупниот негов графички опус, ќе рече академик Георги Старделов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.