Две недели откако според неговите зборови СДСМ за прв пат го контактирала за кандидатурата и десет дена откако и формално беше избран да трча на претседателските избори, Стево Пендаровски влезе во кампања како ниту еден друг кандидат во Македонија, регионот и пошироко.
Цели десет дена кандидатот Пендаровски не е излезен од главниот град Скопје а во двата излети надвор од штабот на СДСМ тој со неколкумина членови на партијата пиеше кафе во Старата Турска чаршија и посети две домаќинства во населбите Аеродром и Драчево.
Единствената комуникација со поголема група луѓе што досега ја имаше кандидатот на СДСМ беше на виртуелниот разговор на Фејсбук и за време на за многумина крајно нелогична операција во која Пендаровски преку телефон разговараше со своите потенцијални гласачи.
Ваквата „затворена“ кампања каква што води СДСМ за својот кандидат досега не е видена ниту во светски рамки , коментираат аналитичари добро упатени во политичките прилики во светски рамки.
„Вообичаено е кандидатот што се бори против актуелен претседател да биде тој што „ќе ги преора“ сите села и градови за да ја претстави својата платформа како претседател“, велат експертите кои што се збунети од овој „револуционерен“ пристап на Пендаровски.
За разлика од него актуелниот претседател Иванов секојдневно посетува по десетина населени места во земјава и според извори во неговиот кабинет се среќава со илјадници граѓани дневно.
А Иванов во својот прв петогодишен мандат е познат како претседател кој што паралелно со интензивната меѓународна активност знаеше многу често да се појавува на јавни настани од различен карактер, од ракијади па се до пожарот во манастирот Свети Јован Бигорски.
Страв од анкетите кои што на Иванов му даваат убедлива предност, непостоење на програма и платформа околу која би се собрале значителен број на граѓани или нешто трето е причината за конфузната кампања на Пендаровски.
Едно е сигурно, Пендаровски тешко ќе може да излезе од својот карактер на затворен, кабинетски тип кој главно функционирал во тесно друштво со екс претседателите Црвенковски и Трајковски и со нивните соработници, учествувал во телевизиски дебати со познати соговорници, и ќе влезе во директна комуникација со јавноста, која по обичај бара одговори за своите проблеми .
Ако Пендаровски ги нема бараните одговори како што сеган засега изгледа или ако граѓаните препознаат дека контактите со нив не се спонтани туку имаат само предизборна компонента, тогаш можеби тактиката и не му е лоша.
Р.Р.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.