Вечерва на малата сцена на МНТ премиерно ќе биде изведена претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов. Проектот е инициран од тројцата актери кои играат во претставата, Сашко Коцев, како Паун, Оливер Митковски, како Пикси и Александар Микиќ, како Буле.
Сашко Коцев информираше дека проектот го почнале во 2010 година, со истата актерска екипа, но поради обврски го одложиле за септември 2013 година.
– Текстот е многу примамлив. Хит е во Белград и во Загреб и веќе шест-седум години се игра. Дејството се случува во едно маало, со препознатливи ликови и ситуации. Еден многу важен феномен кај нас е обложувањето – рече Коцев и додаде дека текстот е напишан во сленг.
Според Митковски, темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде што игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за заработка и за подобар живот.
– Ова е актерска претстава. Се работи за еден текст кој до максимум може да ги доведе актерските можности. Трите фантастични ролји се работени низ документарна призма – потенцира режисерот Евтимов. Додаде дека претставата е и за пријателството, за нарушените односи во цивилизацијата, во човештвото.
Автор на текстот е на Владимир Ѓурѓевиќ, а преводот е на Александар Микиќ. Сценографијата ја изработи компанијата „Home by Almak“ од Струмица, заедно со сценографот Илина Ангеловска. Костимограф е Ана Данчевска, Продуцент е Виктор Рубен. Проектот е поддржан од МНТ и од компанијата „Тинекс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.