| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на претставата „Не се клади на Енглези“ вечерва во МНТ

Вечерва на малата сцена на МНТ премиерно ќе биде изведена претставата „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Евтимов. Проектот е инициран од тројцата актери кои играат во претставата, Сашко Коцев, како Паун, Оливер Митковски, како Пикси и Александар Микиќ, како Буле.

Сашко Коцев информираше дека проектот го почнале во 2010 година, со истата актерска екипа, но поради обврски го одложиле за септември 2013 година.

– Текстот е многу примамлив. Хит е во Белград и во Загреб и веќе шест-седум години се игра. Дејството се случува во едно маало, со препознатливи ликови и ситуации. Еден многу важен феномен кај нас е обложувањето – рече Коцев и додаде дека текстот е напишан во сленг.

Според Митковски, темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде што игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за заработка и за подобар живот.

– Ова е актерска претстава. Се работи за еден текст кој до максимум може да ги доведе актерските можности. Трите фантастични ролји се работени низ документарна призма – потенцира режисерот Евтимов. Додаде дека претставата е и за пријателството, за нарушените односи во цивилизацијата, во човештвото.

Автор на текстот е на Владимир Ѓурѓевиќ, а преводот е на Александар Микиќ. Сценографијата ја изработи компанијата „Home by Almak“ од Струмица, заедно со сценографот Илина Ангеловска. Костимограф е Ана Данчевска, Продуцент е Виктор Рубен. Проектот е поддржан од МНТ и од компанијата „Тинекс“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top