| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на плакати од Костадин Танчев – Динка во „Галерија 8“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија и „Галерија 8“ ви ја претставуваат изложбта на плакати 70-ти/80-ти од Костадин Танчев – Динка, која ќе се отвори на 6 март 2014 година – четврток во 21.00 часот во „Галерија 8“, Стара скопска чаршија – Безистен

Изложбата ке ја отвори новинарот Тони Димков, со што и официјално „Галерија 8“ ја отвора сезоната на изложби во својот простор.

Врвното графичко мајсторство на Костадин Танчев – Динка многу лесно може да се препознае дури и кога пред себе имате само десетина плакати изработени според неговите графички решенија. Тесната селекција никако не значи скромност во изборот, туку напротив, изложбата на плакати во „Галерија 8“ ги претставува најкарактеристичните графички решенија на авторот изработени во неговото златно доба, во периодот од седумдесеттите до средината на осумдесеттите години на минатиот век. Во однос на темата, акцентот е ставен на плакатите изработени за дела од областа на културата и уметноста, како театарски претстави, филмови, архитектура, културни манифестации и неколку плакати од областа на индустрискиот дизајн.

3

Костадин Танчев – Динка е еден од основоположниците на графичкиот дизајн во Република Македонија. По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Белград во 1967 година во Македонија беше ангажиран како млада сила во областа на дизајнирањето. Го основаше студиото за дизајн при Културно-информативниот центар во Скопје, а оттаму ја ширеше новата графичка естетика. Најмногу од тој период потекнуваат и плакатите претставени на изложбата.

Покрај графичкиот дизајн, својот професионален ангажман едновремено го насочувал и кон театарската сценографија, филмската анимација, графиката, сликарството, додека негова потесна специјалност се визуелните комуникации. Во периодот додека беше професор по предметот Графички дизајн, на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изгради неколку генерации млади графички дизајнери, пренесувајќи им го целото свое знаење и искуство, страст, посветеност и љубов кон графичкиот израз. Тоа се карактеристики што ги носи целиот свој живот, како графичар и сликар, професор и педагог, но и како човек и личност. Неверојатно прецизен и педантен во својот графички израз, секогаш креативен во своите модернистички идеи, несебичен во пренесувањето на принципите и финесите на графичкиот занает, Костадин Танчев – Динка не е само основоположник и пионер, туку и актуелен двигател и афирматор на графичкиот дизајн во Република Македонија, вели Тони Димков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top