Пијаниното на кое познатиот германски композитор Јоханес Брамс во 1885 година, за време на летниот одмор свирел и го компонирал „Унгарски танц“, е во Музејот во Штип. Пијанино на кое свирела една од најмаркантните музички фигури на 19 век Јоханес Брамс е подарок од штипјанката Вера Јосифова – Хорват, која го купила од штипјани, кои го донеле од Швајцарија.
– Си реков, ова не припаѓа тука, не треба да се чува дома. Ова е голема и вредна работа, ја почна Вера својата приказна за одлуката да го подари пијаниното на Музејот во Штип.
Вера Јосифова – Хорват е 74-годишна штипјанка. Горда на својот роден град Штип и на Македонија. Иако со кревко здравје, реши да издвои малку време и да ни ја раскаже приказната за пијаниното и за нејзината љубов кон музиката. Таа е мошне решителна жена, со силна волја и со голема желба за афирмација на градот, кој го носи во срцето и од него ја црпи енергијата, иако поголем дел од животот го поминала во Германија и во Хрватска.

– Од 1967 година до 1987 година живеев во Германија, каде што работев како лаборант. Музиката секогаш била моја голема љубов. Отсекогаш сум имала пијано во мојот дом. И во Германија кога живеев имав пијано во мојот дом. Желбата да бидам пијанистка потекнува уште од моето најрано детство, но мајка ми беше самохран родител и морав место музичко училиште да завршам гимназија, а потоа и две години изучував за лаборант, за на крајот во Белград да дипломирам дефектологија. Потоа со години работев во Германија. Кога со мојот сопруг се преселив во Загреб и таму си купив пијано, а по смртта на сопругот, кој по потекло беше од Хрватска, се вратив во Штип – раскажува Вера.
Пијаниното го пронашла во продавница за музички инструменти во Штип, каде што стоело отфрлено во магацинот. Продавачот, не знаејќи какво богатство има, едвај чекал да го продаде. Пијаниното е купено во Швајцарија и сопствениците воопшто не знаеле што имаат во своја сопственост. Го продавале за 1.000 германски марки во тоа време.
– Го подигнав капакот, видов дека е вреден инструмент и веднаш го купив. Во тоа време мојот внук изучуваше да свири пијано, му беше потребен инструмент за да вежба и затоа барав да купам пијано. Откако го донесов дома, инаку пијаниното е многу тешко, има метална конструкција и мораше осум лица да го кренат за да го донесат до мојот дом, постојано го чистев и го одржував со голема љубов. Знаев дека е вреден инструмент и еден ден го повикав деканот на музичката академија во Штип од кого побарав совет, а потоа и двајцата решивме да му го подарам на музејот – вели Вера.
Во внатрешниот дел на пијаниното стои позлатена плочка со датум 15 август 1888 година, а на неа се врежани зборовите на благодарност со кои Јоханес Брамс ѝ се заблагодарува на фирмата што го изработила, благодарност за убавите моменти што ги доживеал при создавањето на својата музика.
– Ова е неверојатно драгоцен подарок од наша сограѓанка, која самата дојде во нашата институција и укажа дека го има пијаниното на кое Брамс свирел и создавал музика и дека сака да му го подари на музејот, – вели Зоран Читкушев, директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип.
– Сега сме во тек на подготовка на рекламни паноа на кои ќе биде претставена биографијата на Јоханес Брамс и најпознатите музички дела што ги создавал. Уште отсега владее вистинска треска да се види пијаниното, но, освен за медиумите, тоа засега останува настрана од окото на пошироката јавност – вели Читкушев.

Јоханес Брамс е германски композитор од 19 век. Компонирал симфонии, клавирски концерти, камерна музика, а особено се истакнал со композициите за соло-песни. Роден е во Хамбург во 1833 година, а починал во Виена во 1897 година. Колку дела создал на пијаниното што од неодамна го има штипскиот Музеј не е познато. Како што сега стојат работите, прв на ова славно пијанино ќе музицира некој од професорите по пијано на Факултетот за музичка уметност при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Тоа ќе се случи по најмногу еден месец, кога пијаниното на кое компонирал Брамс ќе биде претставено пред македонската јавност.
Тодор Витларов ја сочувал првата машина за шиење кожа од „Баргала“
Во Штип е развиена чевларската индустрија, во која се истакнува фабриката за чевли „Баргала“, како и неколку помали чевларски фирми. Исто така, во градот се развиени и прехранбената индустрија, градежништвото, телекомуникациите, производството на вино, металната индустрија итн. Фабриката за чевли почнала со првите машини за шиење кожа од фабриката „Сингер“, а првата штипска машина, која му припаѓала на семејството Витларов, Тодор Витларов му ја донирал на Музејот во Штип.
Музејот во Штип е отворен на 10 мај 1950 година. Првата поставка била поставена во Хуса–Медин-пашината џамија и имала етнолошки карактер, но на 11 октомври 1956 година тој е преместен во новоадаптирана зграда од староградска архитектура, позната како Куќата на Арсови, а тоа се браќата Тошо и Љупчо, народни херои.

– Во историскиот дел на поставката има околу 1.000 вредни експонати од кои 500 се фотографии изложени на паноа, а другите се оружје, монети и документи изложени во витрини. Оружјето е од османлискиот период, Илинденското востание, балканските војни, Првата и Втората светска војна. Овде се чува и оригиналното дело „Различни поучителни наставленија“ од Јоаким Крчовски. Книгата е печатена е во Будим во 1819 година. Имаме и свидетелство на Трајчова Тана, на кое е потпишан Гоце Делчев, кој во тоа време бил учител и предавал четири предмети: историја, географија, геометрија и француски јазик – ни раскажа Емилија од музејот во Штип.
Црквата „Св. Никола“ поседува извонредна галерија на икони
Црквата „Св.Никола“ е една од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип. Изградена е од Андреа Дамјанов на местото на постара црква од 1341 година. Според натписот над главниот западен влез, црквата била завршена на 10 мај 1867 година. Грандиозниот иконостас содржи многубројни вредни икони. На северниот дел од иконостасот има 16 икони, а на главниот иконостас се наоѓаат дури 67 икони, најголем дел од нив насликани во 1890 година од страна на Димитар Папрадишки.
Во 1990 година, во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи меѓу 17 и 19 век. Исто така, во галеријата има и стари книги, сребрени крстови, чаши за богослужби, венчални круни, псалми, евангелија и други сакрални предмети. Во јужниот дел на галеријата има 29 икони од 18 и од 19 век, а во западното крило на галеријата има 32 икони од 19 век. Во северниот дел на галеријата има 31 икона.
Поставката содржи и илинденски значки, кои ги добивале учесниците во востанието, тука е надгробната плоча на Мише Развигоров, има оригинални свидетелства на учесниците во балканските војни, руски и српски сабји, француски шлем, кожен германски шлем, оригинални фотографии од кралот Александар Караѓорѓевиќ фотографирани на 13 ноември 1924 година при изградба на маларичната болница во Штип, прославата на Водици, првите партизански одреди, депортацијата на Евреите, делегатите на Првото заседание на АСНОМ, па сѐ до осамостојувањето на Македонија на 8 септември 1991 година, со фотографии на првиот претседател Киро Глигоров, на првиот премиер Никола Кљусев и на двајцата штипјани министри во првата македонска влада Јордан Мијалков и Ѓорги Наумов.
„Палјачи“ – првата опера во Македонија била изведена во Штип
Штип е познат по тоа што првата опера во Македонија е изведена токму во овој град. Тоа била операта „Палјачи“, изведена во август 1925 година, подготвена од страна на рускиот емигрант, музикологот Сергеј Михајлов. И денеска средното музичко училиште го носи неговото име.
Штип е град во источниот дел на Република Македонија, по долината на реката Брегалница. Тој е еден од најстарите градови во Македонија. Тврдината Исарот е главното обележје на овој град и одушевува со прекрасната панорама на целиот град. Денешниот изглед на тврдината потекнува од 14 век, а во 2009 година се откриени 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврдила легендата дека Штип бил освоен од османлиите преку таен тунел под Исарот.

На самиот влез во градот ќе ве дочека Емир Ќучук-султановиот мост, кој бил изграден во 1672 година. За време на Првата светска војна, преку мостот поминувала демаркациската линија, која го делела градот на српски дел (населбите од десната страна на Брегалница) и на бугарски дел (левата страна на градот). Македонската архитектура од традиционален карактер се гледа преку градбите во Штип. Штипската Саат-кула е споменик на културата од 17 век и е под заштита на државата. Штипјани ја знаат како Саат-кула, а таа е, всушност, Бегова кула. Според историските факти кулата била изградена од турски бег, што живеел во Штип, но неговото име не останало запишано. Тој ја направил кулата за да го заштити семејството во кризни времиња. На објектот имало и пушкарници и балкон, а еден век подоцна на кулата бил поставен и часовен механизам. Дел од кулата бил урнат во 1934 година. Според едни толкувања, уривањето било од безбедносни причини. Според други, тоа било резултат на немирот кај пошироката околина од силното отчукување на часовникот. Според ракопис на еден од луѓето задолжени за одржување на Саат-кулата, таа датира од 1650 година и е поврзана со легендата, која вели дека турскиот бег се вљубил во убавата штипјанка Анка. Сакал да ја потурчи и во тоа бил мошне упорен. Таа за да се ослободи од него, прифатила да се потурчи, но под услов бегот за возврат да изгради кула, која ќе биде и градски саат. Анка мислела дека бегот ќе се откаже, но тој за многу кусо време ја изградил кулата и ја одвел со себе младата штипјанка.
Џамијата на Хуса Медин-паша е изградена на рид на левата страна од градот. Објектот е познат и како црквата на свети Илија бидејќи се верува дека е изградена на основите на древен христијански храм. Според легендата, џамијата била изградена во 17 век. Се верува дека црквата посветена на свети Илија била изградена меѓу 13 и 14 век. Веднаш до џамијата се наоѓа гробот на Хуса Медин-паша. Во центарот на Штип се наоѓа објект што по својата архитектура потсетува на средновековен исламски пазар. Се вика Безистен. Името потекнува од турски збор што во превод значи: пазар. Нема точни податоци за изградбата, но се претпоставува дека датира од времето меѓу 16 и 17 век. Бил користен како пазарен центар за размена и за продажба на разновидна стока.
Штипска пастрмајлија
Откако добро ќе се прошетате по штипската околија или во градот и ќе се потсетите на подзаборавени детали од историјата за тој крај, неизбежно е да запрете и да се одморите, но и да ги пробате вкусните и крцкави пастрмајлии. Старите мајстори никако не ја откриваат тајната на добрата пастрмајлија. Тие љубоморно го чуваат рецептот на овој ексклузивен штипски специјалитет. Сепак, дознаваме дека штипската пастрмајлија се разликува од другите по тоа што во неа има само зачинето свинско месо, но не и сирење или јајца, кои може да се додадат на ова јадење.
Освен веќе познатата пастрмајлија, во Штип се јаде и специјалитет наречен „шишмиш“. Тоа е огромна плескавица од мелено и сечкано свинско и телешко месо.
Ново Село е една од најстарите населби во Штип. Станува збор за историско место, познато по престојот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој бил учител во тамошното училиште. Се претпоставува дека како посебна населба Ново Село постоело уште пред тринаесеттиот век. За турското население Ново Село било забранета територија. Овде Турчин не смеел ниту да помине, а ако евентуално се најдел навечер таму, утрото не го дочекувал жив. Немале проблеми само тие што доаѓале со добра намера.
Во периодот на 19 век Ново Село игра клучна улога во будењето на националната свест кај македонскиот народ, особено по учителствувањето на Даме Груев и на Гоце Делчев. Низ историјата Ново Село се споменува како родно место на многу истакнати македонски дејци. Дел од нив си го нашле местото во историјата, а дел, пак, се предмет на најразлични контроверзии. Имено, овде се родени: Михајло Апостолски, Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Едни од познатите стари штипски семејства, чиешто потекло е од Ново Село се Чепреганови, Мијалкови, Хаџи Кимови и многу други.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 77. број на неделникот „Република“, 21.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





Во 1990 година, во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи меѓу 17 и 19 век. Исто така, во галеријата има и стари книги, сребрени крстови, чаши за богослужби, венчални круни, псалми, евангелија и други сакрални предмети. Во јужниот дел на галеријата има 29 икони од 18 и од 19 век, а во западното крило на галеријата има 32 икони од 19 век. Во северниот дел на галеријата има 31 икона.