Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има покренато постапки за 50 – тина функционери кои не поднеле анкетен лист за имотната состојба, информираше денеска претседателот на ДКСК Ѓорги Сламков.
За 2014 година ДКСК има отворено корупциски предмети за ревизорскиот извештај за Агенцијата за странски инвестиции, вчера е отворен предмет за Регулаторната комисија за енергетика, за паркинг просторот во Општина Куманово, за општина Гостивар за злоупотреба на јавни набавки од комунално претпријатие, отворен е и предмет за членувањето на претседателот на Сојузот на синдикати во управен одбор, за инвестициски зафати во општина Градскo.
Сламков информираше дека се отворени и предмети во врска со случаите за становите на пратеничките Силвана Бонева и Радмила Шекеринска. За случајот со имотната состојба односно станот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, врз основа на истражувањата на ДКСК, потврди дека нема простор за постапување.
– Се обраќаме, согласно закон, до четири институции, до Агенција за катастар за недвижнини, проверуваме лицата кои се внесени во анкетниот лист дека живеат во семејна заедница, ги проверуваме кои се тие лица и недвижностите со кои располагаат. Ги споредуваме податоците со оние во анкетниот лист и ако утврдиме дека не се исти, тогаш поднесуваме прекршочна пријава и барање за испитување на имотната состојба во УЈП – појасни Сламков.
Во однос на закупнината од 5 илјади евра за станот на Шекеринска, тој истакна дека ДКСК се обратила до УЈП за проверка на податоците и договорот.
– Се уште не е стигнат одговорот и затоа не можам ништо да кажам – рече претседателот на ДКСК.
Во врска со имотните состојби и пријавување на промените во анкетните листови, Сламков потврди дека пропустите во октомври лани се од страна на ДКСК, но сега, тврди, работите се драстично сменети и такви пропусти во иднина нема да има.
ДКСК, информира тој, почна двегодишен проект, во кој се и анкетните листови, а бара да се направи интерконекција на база на податоци на сите надлежни институции и ДКСК во секое време да врши увид во податоците.
Најважно, смета Сламков е да се донесе регистар на функционери во државата за да се знае од кога и до кога едно лице е функционер и ја има законската обврска за пријавување на имотната состојба.
Во 2013 година ДКСК има поднесено девет иницијативи за кривично гонење, 35 барања до УЈП за испитување имотна состојба на носители на јавни функции, отворени се 25 корупциски предмети, 15 јавни опомени за непочитување на судир на интереси, 2.600 изборни предмети од локални избори, а 2.200 анкетни листови се поднесени минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.