Бошко Ѓуровски повлече очекуван потег за смирување на страстите и недоразбирањата од минатиот циклус и го врати Горан Попов во националната репрезентација за пријателскиот меч со Летонија на 5. март во Скопје.
Со новиот македонски селектор мечот против Балтичката селекција на „Филип втори“ арената деби ќе имаат и Крсте Велкоски и Кире Ристевски.
„Горан Попов е еден од најдобрите наши интернационалци. Знам дека имаше одредени проблеми со неговиот однос кон националниот тим, но тоа е минато. Ни треба секој квалитетен фудбалер во националниот состав. Попов е одличен фудбалер и заслужува да му подадам рака. Сметам дека ова ќе биде коректна порака за сите фудбалери, дека не играат за ФФМ и за Бошко Ѓуровски, туку за репрезентацијата на Македонија. Затоа верувам дека и Попов и сите останати што ќе добијат шанса да го носат националниот дрес ќе покажат со односот и со игрите дека го заслужуваат повикот“, изјави Ѓуровски.
Лоша вест за националниот состав и за Ѓуровски е веројатното простување на беспрекорниот борец Николче Новески. Стоперот на Мајнц не го кажал завршниот збор, но се насетува разделбата од националниот дрес.
„Разговаравме и да бидеме искрени треба да се напомене дека Николче размислува за простување од настапите во репрезентацијата. Побара да размисли до крајот на сезонава, а ние му оставивме простор. Ако одлучи да игра за него секогаш има место во националниот тим. Во спротивно сметам дека заслужува да му се организира проштален меч, затоа што во континуитет дава максимум при настапите за Македонија“, додаде Ѓуровски.
Еве го комплетниот список на репрезентативци на Македонија за мечот со Летонија:
Голмани
Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија)
Одбрана
Горан Попов (ВБА, Англија), Даниел Георгиевски (Стеауа, Романија), Александар Тодоровски (Штурм, Австрија), Бобан Грнчаров (Таврија, Украина), Ванче Шиков (Волин, Украина), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Кире Ристевски (Славија Софија, Бугарија)
Среден ред
Иван Тричковски (Васланд Беверен, Белгија), Агим Ибраими (Калјари, Италија), Мухамед Демири (Сент Гален, Швајцарија), Остоја Стјепановиќ (Висла, Полска), Ферхан Хасани (Брондби, Данска), Марио Ѓуровски (Муангтонг јунајтед, Тајланд), Муарем Муарем (Карабах, Азербејџан), Стефан Спировски (Берое, Бугарија)
Напад
Мирко Ивановски (Астра, Романија), Јован Костовски (Од Еверле Лувен, Белгија), Дејан Блажевски (Хазар Ланкаран, Азербејџан), Бесарт Ибраими (Енозис, Кипар), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.