| четврток, 6 декември 2018 |

Јувентус и ПСЖ на чекор до четвртфиналето во ЛШ

Јувентус славеше убедливо со 3-0 против Селтик во Глазгов, а значајна победа од 2-1 забележа и Пари сен Жермен со Валенсија во премиерните натпревари од осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите.

И двете екипи триумфираа нагости и ги срушија незгодните традиции за нив. Во Глазгов, италијански состав не победил од 1969 година, а Јувентус во двете претходни гостувања во главниот шкотски град беше поразен.

Овојпат старата дама од Торино мина како брз воз низ Глазгов. Стрелци беа Матри, Маркизио и Вучиниќ.

Уште полоша традиција имаа француските екипи на жешката „Месталја“ во Валенсија. Во 8 дуели пред вечерашното гостување на ПСЖ, имаа 8 порази, но среќата конечно им се насмевна.

Аргентинското дуо кај „светците“ од Париз, Лавеци-Пасторе ја креираа значајната победа на ПСЖ со по еден погодок, а надеж за „лилјаците“ од Валенсија дека можат да се реваншираат во Париз им донесе Рами со гол во 90. минута.

Утре играат Реал Мадрид против Манчестер јунајтед и Шахтар со Борусија Дортмунд. Преостанатите 4 осминафинални средби се закажани за идната седмица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top