| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ја поседува вселената?

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Како да се открие тајната на светот (некој ќе ви рече дека нема такво нешто) со само еден клик? Сакате пренос од војна или од мир? Сакате виртуелно да влезете во европскиот парламент и да ги креирате политичките ставови на пратениците без тие да забележат? Ставате повеќе хормони во месото од кокошка и го пласирате на европскиот пазар. Потоа не барате влакна во јајцето. Не обрнувате внимание на пластичниот вкус на лазањата и лажниот балсамико во салатата. Сè е под контрола.

Тоа е резултатот на техноцивилизацијата. Вие само мислите дека го гледате тоа што го гледате. А мислите влечат последици.

За малку пари добивате конференциска врска со уличните борби во кои гинат ликови од крв и од месо. Во последно време најголем хит се студиските снимки на воени удари или револуции со размери на тротоар, шахта или веце-казанче, кое, сепак, влегло во кадарот на сателитот и останало како запис во некој вселенски компјутер. Автомобилот сеедно летнал во воздух пред сопственикот да замине на егзотично патување. Додуша и егзотичната земја во меѓувреме исчезнала од понудата на туристичките агенции со конспирациски спонзори. Сè некако се разлетало.

Во меѓувреме најтврдокорните тоталитаристички системи (некои од нив) се погрижиле да изградат цела мрежа од подземни тунели и скривници за не дај боже ситуации… А на површината проектирале слики од хуманитарни походи, работни акции, олимписки игри, циркуски атракции или обични примитивни ораторски арени. И скришно вршеле организиран космички рекет на излитените митови. Плати за стариот мит или врати го пред да се зафатиш со прскање против новото време.

Како да се стивне ненаситната информатичка глад на човековиот мозок опиен од прекумерна доза податоци?

Епикур вели дека ако малку не ви е доволно тогаш НИШТО нема да ви биде доволно. Страшно, нели?

Може ли човекот да знае што и да е друго пред да се осознае себеси?

Реален живот или видеоигричка.

Разлика? Речиси не постои. Од каде да знаеме дека тие мали креатури што ги измислува креаторот на играта, давајќи им облик, име, улога и место во поширокиот контекст на драмата од која се состои играта, дека немаат автономна волја, сопствен живот независен од тој што е креиран за потребите на играта? Детето кога го гледа цртаниот филм не размислува дали навистина брзата птица итрица може или не може да го прелета океанот. Цртаниот филм е вистински поради убедливоста. Детето не вложува напор да ѝ верува на птицата.

Тоа е единствената разлика меѓу децата и кутрите возрасни, кои и без да знаат на своите кревки плеќи го носат товарот на својата загрижена увереност во сопствените фикции. Да речеме, Марс.

Планета на мажите. Сосема пристојни аранжмани за два дена. Далеку од вашата матична планета, без главоболки предизвикани од синдромот „хистерична ….“, а на опачината со курзивно писмо – бегалка. Сонот на вашата подобра половина и нејзината автохипноза дека станува збор за кошмар. Враќање во иднината, репрограмирање на евентуално лошото минато: сè што можете да замислите од типот на ѕвездени патеки.

Венера. Излог за жени. Хауба, фен, четка за фенирање. Педикир и маникир, затегнување на лицето и масажа против целулит. Кратко и јасно.

Бракови на лица од ист пол. Непозната планета на која нема референтни точки за урамнотежена распределба на хормони – сите се мажи и жени истовремено. Сексуална ориентација на новото време. Што е ново во новото?

Идејата дека енергијата би можела да се изедначи со мц2? И што потоа? Полесно ќе пресметаме уште колку гас, нафта, и пресечени шуми ќе ни требаат до крајот на светот. Според статистиката на „Гугл“ најмногу заработија сајтовите што објавуваа информации за евентуалниот крај на светот. Психолозите прашуваат – дали се работи за страв? Дали стравот е најголемиот, а неискористен енергетски потенцијал, заробен на планетата Земја?

И како тој се ослободува? Преку трчање? Преку мислење? Преку емоционално празнење? Преку напуштање на старите парадигми?

Или секс? И што да прават тие за кои сексот е застарена технологија? Љубов? Знаење?

Мисла што патува со брзина побрза од самата себеси, место количник од маса и енергија.

Кој ја поседува вселената?

Кој стои зад сето тоа?

Дали некој смислено ја креира игричката со цел да си обезбеди вечна забава, или игричкиве имаат некоја скриена смисла до која треба да се дојде на начин кој не може да се стандардизира или објави, туку е за секого оригинален и посебен? И секој мора сам да си го открие?

Додека го бараме одговорот, не е лошо да се аплицира во агенцијата за вселенска сопственост. Иако постои меѓународен договор од 1967 година според кој е забрането присвојувањето на Месечината, никогаш не се знае…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top