| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас испрати индиректна порака до Македонија

goran-kol-12-samaras

Ден по посетата на шефот на грчката дипломатија на Македонија, грчкиот премиер Самарас упати индиректна порака до Скопје – дека членството во евроатлантските организации единствено зависи од исполнувањето на критериумите –почитување на меѓународното право, слобода на изразување и добрососедските односи. Пораката Андонис Самарас ја упати од прес-конференцијата со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во Атина, објави Канал 5.

Проширувањето на алијансата и интеграцијата во НАТО на земјите од западен Балкан, кое, според грчкиот премиер, е стратешка цел на Грција, било една од темите на 75 минутната средба на Смарас со Расмусен во премиерската палата.

Секоја земја-кандидат треба да ги исполни условите и критериумите – рече грчкиот премиер по средбата со генералниот секретар на НАТО. Упати и индиректна порака до Македонија, не нè именуваше, но јасно беше на кого се однесува.

– Сакам да кажам нешто во коешто јас верувам, дека алијансата претставува заедница на демократски вредности, во која во практика секоја земја треба да се залага за почитување на човековите, демократизација, добрососедски односи, имплементација на владеењето на правото, и слободата на изразување, но и адаптација на одбранбените и безбедносните структури со карактеристиките на НАТО – порача грчкиот премиер по средбата со Расмусен, споменувајќи ги критериумите кои, пред сѐ, се однесуваат на нашата интеграција во ЕУ, а не во НАТО.

Меѓутоа, ова е веќе редовна практика, грчкиот државен врв кога говори за Македонија истите предуслови да ги споменува и за двете меѓународни организации пред чии врати нашата земја чека веќе неколку години.

Расмусен, пак, воопшто не се осврна на проширувањето, ниту го спомена западен Балкан ниту Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top