Во големиот мозаик со безброј камчиња кои рефлектираат низ простор-времето, секогаш ќе наидете на вибрација така уникатна и единствена, што инстантно ве тера да го усмерите вашето целосно внимание токму тука, во тој сегмент, кој при едно подолго и постудиозно опсервирање ве внесува во својот феномен и тогаш доживувате едно големо откривање, една судбина.
Секако, овој мозаик е метафора за светската култура, а камчињата, пак, се животните и творечките сведоштва за големите создавачи на уметноста.
Често пати имаме нестварни и идеалистички предубедувања за носителите на оние животни прикаски, но во стварноста неретко се соочуваме со неочекувани и потресни собитија, со кои се исполнети овие биографии. Но, токму во овој дел од согледувањето на животот на овие екстраординарни творци, овие светлечки и привлечни парчиња од големата прикаска за духовноста и свесноста на самата егзистенција, спроведена низ постоењето на генијалните вообличувачи или откривачи на убавината и вистината, се согледуваме самите себеси, понекогаш потсетувајќи се, кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме.
Нивните потресни судбини и нивната борба со егзистенционалните искушенија, со неразбирањето на оние, кон кои се упатени суптилните пораки за смисолот на нештата и нивната вистинска природа, всушност, на долги патеки ги прави беспоговорни херои на големата епопеја на постоењето, со целата негова телеологија, но и апсурдност.
Во секој случај, не само творештвото, туку и борбата на тоа творештво, да му се даде своевидно место во самото постоење, го прави нивниот пат уште почудесен, а нивните судбини уште повосхитувачки. Зошто, многу личности би пропаднале во овој чудесен потфат, да се борите за самиот живот, а воедно да изнајдете сили и за остварување на своите визии, имплементирани во нешто така апсурдно и безначајно за мноштвото, како што е уметничкото творештво.
Така, на пример, еден од најголемите поети на 20 век, Томас Стернс Елиот, беше приморан да работи во банка, а со средствата што ги заработуваше од оваа своја работа се издржуваше себеси и семејството, но воедно ги создаваше и своите неспоредливи стихови. Американец, по раѓање, Британец по срце и перо, тој стана еден од најзначајните писатели во периодот на Модернизмот. Иако зад себе остави мноштво дела, сепак најпознато негово дело останува поемата „Пуста земја“. Овој генијален поет до ден денес сè уште останува симбол за една специфична, и во многу нешта, неразбирлива за секого, поезија. Неговите критичари често пати му префрлаа, дека неговото творештво е наменето за многу тесен круг на читатели, што тој самиот никогаш не го негираше. И денес, кога постојат мноштво објаснувања како да се чита „Пуста земја“, читателот, сеедно, треба да има широко општо образование, посебно од областа на уметноста, историјата и митологијата.
Уште една животна судбина на мачеништво и скромност е инкорпорирана во битието на големиот писател од српско потекло, Милош Црњански. За него, нобеловецот Иво Андриќ своевремено изјавил: „Само Црњански од сите нас е вистински роден писател“. Е, тој писател во Лондон, со статус на емигрант работел како разнесувач на книги за четири фунти неделно во книжарницата „Хечардс“. Имал и важна работа како книговодител кај угледниот произведувач на обувки, „Хелстерн и синовите“. Неговата сопруга Вида за тоа време правела кукли за прочуената стоковна куќа „Херодс“. Еднаш, на улица го сретнал некој негов сонародник – емигрант и неверувајќи им на сопствените очи, го запрашал: „Дали сте тоа вие, господине Црњански?“ Писателот само му одговорил: „Јес, сир“ и продолжил да ги влече пакетите со книги. Беше тоа време, кога покрај останатото, работеше на својата величествена втора книга „Селидба“.
Ете, така проаѓаа во животот некои од големите творци во уметноста. Уште попотресна е судбината на големата поетеса и писателка, Силвија Плат. Нејзиниот живот ќе биде запомнет по многубројните душевни тегоби, со кои се борела, за на крајот да заврши со самоубиство. Силвија Плат во 1958 година се вработила во приемницата на душевната болница во Бостон, во истата институција, во која како пациент лежела пет години порано. Но и покрај ова мачно и жално сценарио на нејзиниот животен пат, таа создала доволно уметност, за до го стекне незаборавот, кој пост фестум ќе ја следи нејзината ужасна судбина.
Понекогаш, во целата мизерија и неизвеснот, што ги следи судбините на големите творци, има и по малку хумор. Сиромаштијата и борбата за попристојна егзистенција не секогаш генерираат констернирачки импресии. Често пати, овие навидум тешки судбини, знаат да бидат зачинети и со трошка спасоносна веселост, која на целата прикаска ѝ дава оптимистичка аура, но исто така укажува и на фактот, дека целата смисла на животот не е само во материјалната сигурност и во добрата заработка.
Една таква судбина е содржана и во животниот пат на Маја Анџелу, родена 1928 година. И пред оваа американска писателка во педесетите години на минатиот век да стане танчерка на Калипсо, уште како тинејџерка се одушевувала од трамваите од Сан Франциско. Кога доволно созреала, немала мир, додека не ја примиле за возач на трамвај и не ѝ дале соодветна униформа за оваа прилика, што посебно ја восхитило. Кон ова, Маја Анџелу била и првата Афро-американка, која ја добила работата како возач на трамвај. Вакви, и слични судбини на големите борци и творци, се камчињата од мозаикот на светската култура, кој од луѓето прави словесни битија и му дава некаква смисла на животот. Нивниот блесок потсетува на убавината, која произлегува од големата борба со небиднината и вечниот молк. Борба, од која сите останати се плашат и сакаат да ја избегнат по секоја цена.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.