Во галеријата на Младинскиот културен центар, вечерва во 20 часот ќе се отвори изложба на слики со наслов „Патинирани цитати„, од академскиот сликар Мирчо Матевски Рисимкин. На изложбата на Мирчо Матевски Рисимкин ќе бидат претставени 20 негови дела настанати во периодот 2009-2014 година, по неговото враќање од Австралија, каде што живее и работи подолг период.
Тематиката опфатена во овие дела се базира на нашето културно-историско наследство, пред сè, византиското сликарско културно наследство, а тоа се фреските и иконите, но исто така и богатото народно творештво/писменост и традиција. Овие три елементи-категории, културното наследство, народното творештво и традицијата се важни и определувачки сегменти за секој народ и неговиот идентитет. Тие го прават различен или посебен, тоа што всушност е. Но, истовремено овие категории го спојуваат и со другите култури, цивилизации и ентитети и го прават дел од едно многу поголемо семејство.
Делата се работени во маслена техника на платно. Изложбата ќе ја отвори професор Д-р Иван Џепаровски. Мирчо Матевски Рисимкин е дел од првата генерација студенти на ФЛУ во Скопје, во класата на професор Кондовски, каде што се здобива и со магистерска тутула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


