ЕЛЕМ од почетокот работи на проектот Луково Поле според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина. Во тој дел интервенирано е и со измена на дел од проектот и одлучено е Луково Поле да се реализира без Пројфел или длабока река што во основа значи дека пејзажот на планината Кораб ќе остане непроменет. Вкупната количина вода што ќе се пренасочи од Радика со акумулацијата Луково Поле нема да биде поголема од 1,4 кубни метри во секунда, што претставува околу 7 до 8 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока, сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив, вели во интервју за економски.мк директорот на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.
Според него, Луково Поле ќе овозможи поголема контрола и регулација врз надојдените води во периоди со обилни врнежи и директно ќе влијае на зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на увозната зависност од енергија на Република Македонија, а ќе влијае на намалување на емисијата стакленички гасови и употреба на фосилни горива.
На прашањето :Се крена многу прав околу изградбата на Луково поле. Дали проектот ќе има негативно влијание врз животната средина? Бошковски одговара:
АД ЕЛЕМ од почетокот на подготвителните активности за реализација на Луково Поле работи според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина и нема да дозволи било какви аномалии и загрозување на убавините на националниот парк „Маврово“. Во таа насока е изработката на Студија за оценка на влијанието врз животна средина која наскоро ќе биде финализирана. Во документот кој го изработува реномирана француска компанија детално ќе бидат опишани и разработени сите аспекти на животната средина, од геологија, квалитет на воздух, квалитет на вода и хидрологија, флора и фауна, социо-економски аспекти, управување со отпад, визуелни аспекти. Изработката на Студијата ја следат повеќе специјализирани експертски тимови кои даваат свои забелешки. Откако тие целосно ќе се имплементирааат и усогласат , Студијата ќе биде јавно објавена и презентирана со јавна расправа на која ќе може сите засегнати страни да дадат свој коментар, забелешки и придонес за дополнително подобрување на нејзиниот квалитет.
Овој важен документ на крај ќе покаже колку, како и во која мерка ќе влијае проектот врз животната средина во околината и регионот. Исто така, изработката на Студијата е според високите барања, стандарди и оперативни политики на Светска Банка и ЕУ Директивите за оваа проблематика и ќе даде точни насоки кои мерки да се превземат при реализацијата на проектот со цел да се избегнат евентуалните штетни влијанија врз животната средина.
Со цел да се доближи проектот до жителите во овој регион во изминатиот период „Електрани на Македонија“, организираа повеќе jавни расправи за проектот „Луково Поле“. На расправите учествуваа сите надлежни државни институции, претставници на локалната самоуправа, невладини организации, Здруженија на граѓани и претставници од Националниот парк „Маврово. Во делот на заштитата на животната средина, интервенирано е и со измена на дел од проектот. Откако се направени дополнителни анализи донесена е одлука Луково Поле да се реализира без Пројфел или длабока река што во основа значи дека пејзажот на планината Кораб ќе остане непроменет.
Како што многупати сме потенцирале, проектот е во согласност со меѓународните конвенции за води, а Република Македонија е потписник на повеќе меѓународни документи во таа област. За појаснување, вкупната количина вода што ќе се пренасочи од Радика со акумулацијата Луково Поле нема да биде поголема од 1,4 кубни метри во секунда, што претставува околу 7 до 8 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока, сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив. Тука би спомнал дека со изградбата на акумулацијата воопшто нема да бидат зафатени изворите на реката Радика.
Она што е предност за Реканскиот крај е тоа што Луково Поле ќе има одбранбено дејство при големи води кои се чести во овој регион. Дел од преливите кои се случуваат во акумулацијата Шпилје значително ќе се намалат или неутрализираат, а таа вода ќе биде на располагање на системот за производство на електрична енергија. Токму оваа можност за зафаќање на дел од преливните води ќе значи до извесна мера и зашита на соседна Албанија од поплави по течението на реката Црн Дрим. Практично, Луково Поле ќе ни овозможи поголема контрола и регулација врз надојдените води во периоди со обилни врнежи. Затоа сметам дека Луково Поле е исклучително корисен енергетски проект со редица придобивки.
Тој директно ќе влијае на зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на увозната зависност од енергија на Република Македонија, а ќе влијае на намалување на емисијата стакленички гасови и употреба на фосилни горива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.