| четврток, 6 декември 2018 |

Охридската цреша и валандовското бело грозје ќе се брендираат

Охридската цреша и валандовското бело зимско грозје се двата заштитени назива на земјоделските производи кои се во процедура за регистрација, а изработени се уште два елабората и тоа за белото овчо сирење и за кашкавалот „бистра“, објавува „Дневник“.

Ова е резултат од најавите на Владата дека од годинава сите фармери, земјоделски здруженија, фирми што ќе сакаат да брендираат одреден производ ќе добијат по 300.000 денари субвенции за производ. За разлика од минатогодишната програма, годинашнава е многу поедноставна и старите мерки се заменети со само една мерка за финансиска поддршка за трошоци за воведување заштитени ознаки за квалитет.

– Досега имаме два елабората за заштитени називи на земјоделските производи што се во процедура за регистрација. Изработени се уште два елабората и процедурата за нив се очекува да почне наскоро. Максималниот износ за техничката поддршка изнесува 80 отсто од вредноста на предлогот за воведување заштитени ознаки за квалитет на земјоделски и преработени производи, но не повеќе од 300.000 денари, велат во Министерството за земјоделство.

Оттаму објаснуваат дека предноста на оваа мерка е што корисниците ќе можат да добијат финансиска поддршка уште на самиот почеток на воведувањето заштитена ознака за квалитет, а не по регистрирање на заштитената ознака.

– Kорисници на оваа мерка ќе бидат група заинтересирани производители на одреден земјоделски или прехранбен производ, јавно-научни установи, консултантски куќи, како и единиците на локалната самоуправа, велат во ресорното министерство.

Според официјалните податоци, во Европската Унија годишно за заштита на прехранбените и земјоделски производи се прави обрт од 15 милијарди евра. Сертифицираните производи носат поголема заработка, па многу земји-членки на ЕУ се обидуваат на сите начини да го оспорат сертифицирањето.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top