Ако земјава се води од изјавите на пензионираниот генерал на американското воздухопловство, кој сега е на чело на една од најважните федерални безбедносни институции, сериозно треба да ги анализира своите капацитети за надминување евентуална безбедносна криза во идните 12 месеци. Говорејќи пред сенатската Комисија за разузнавање на САД, каде што го претставил извештајот за процената на светските закани, тој рекол дека на Балканот особено е нестабилна состојбата во Македонија и во БиХ. Клапер без никакви ограничувања посочил дека, и покрај низата позитивни случувања во западен Балкан во 2013 година, регионот во 2014 година ќе се соочи со сериозни етнички и политички поделби.
Во Сенатот било речено дека македонската влада продолжува да форсира програми за промовирање македонски национализам на сметка на евроатлантските интеграции на земјата. Колку подолго патот на Македонија кон ЕУ и кон НАТО е во ќор-сокак поради спорот со Грција за уставното име на земјата и слабите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека етничките тензии ќе се зголемуваат.
Тешко е да се претпостави зошто Клапер споменува само македонски национализам промовиран од Владата во Скопје, а не и обидите на група албански политичари да урнат „просрпски“ споменик на средновековен цар, ниту обид да се урне јарбол со државно знаме од страна на албански националисти.
Клапер и неговите брифери точно знаат дека Владата во Скопје е составена и од албански политички претставници, со што, свесно или не, му зададе силен удар на Ахмети, кој важи за најголем партнер на американската администрација откако пред една деценија на црната листа на САД беше ставен лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Со изјавата на Клапер, Вашингтон, всушност, им порача на Албанците во Македонија дека само ДУИ и лидерот Али Ахмети промовираат и спроведуваат македонски национализам.
Сведочењето на Клапер не испраќа само политичка порака до властите во Скопје и во Сараево. Сите радикални групи во овој дел од Балканот (Србија – Албанија – Косово – Македонија) што се на црната листа на САД, од кои 90 проценти се поврзани со албански политички или воени центри, ќе ја доживеат пораката или ќе се обидат да ја презентираат како поддршка од САД во нивната борба за ослободување од „славомакедонските окупатори“. Со тоа, тие полесно ќе можат да регрутираат луѓе и спонзори за набавка на опрема и на оружје, што е основна премиса за постоењето критична безбедносна состојба.
Тоа што зачудува во вокабуларот на, обично, внимателните американски планери и експерти за безбедност и политички маркетинг е што годинава, за разлика од лани, Клапер не ја исклучува можноста да дојде до судир меѓу Албанците и Македонците. Во својот лански настап пред истата комисија на американскиот Сенат шефот на националното разузнавање, кој е главен советник на американскиот претседател за разузнавачки прашања од национална безбедност, изјави дека во Македонија не може да се повтори кризната 2001 година. За разлика од ланскиот извештај, кој го пренесе „Гласот на Америка на македонски јазик“, овој пат таа можност останува да биде една од опциите што лебдат во воздухот.
Во ланскиот документ „Процената на заканите“, доставен до сенатската Комисија за разузнавање, американското разузнавање не очекуваше враќање на насилството од граѓанската војна пред една деценија. Што точно се случило за Клапер по 12 месеци да даде драматично полошо предвидување за Македонија? Има ли нешто што го знаат американските безбедносни институции, а не го знаат македонските? Има ли и други политички пораки што треба да се анализираат во контекст на ставовите на Клапер? Сите овие прашања мора да бидат одговорени, пред сѐ, од македонските служби, но и од американските политички претставници во Скопје затоа што нивните јавно промовирани анализи влијаат врз низа настани во земјата. Еден од нив е интензивирањето на емигрантските трендови кои, и без црните американски сценарија, се доволно силни за да ја ослабнат земјата на среден рок.
Американските безбедносни анализи секогаш се доживуваат како „конспиративни теории“
Пред неколку месеци српските медиуми пренесоа документ на американското разузнавање од 1990 година, од кое е тргната ознаката „доверливо“, во кој се вели дека Југославија ќе престане да постои во рок од една година при што целосно ќе се распадне во рок од две години, а економските реформи нема да го спречат распадот. Тогаш ЦИА погрешно сметала дека е тешко да се случи војна меѓу југословенските републики и предвидувала само ограничени конфликти. Притоа, агентите на ЦИА предвиделе дека ќе се случи бунт на Косово, во кој Косовците ќе добијат помош од своите браќа во Црна Гора и во Македонија. САД и ЕУ не можеле да сторат многу за зачувување на Југославија, пишува во извештајот.
Овие информации беа актуелни и во периодот непосредно пред распадот на поранешна Југославија, во 1989 година, кога белградските и загрепските медиуми цитираа извори блиски на последниот американски амбасадор во Југославија, Вилијам Монтгомери, според кои заедничката држава ќе се распадне за шест месеци. И покрај тоа што информациите тогаш беа од наводни извештаи и анализи подготвени од ЦИА, огромен дел од југословенската и јавноста во новите републики и до ден-денешен е убеден во конспиративните теории дека американската разузнавачка агенција не само што анализирала, туку и „помогнала“ во остварување на сценаријата за распад на Југославија. Свежите сеќавања од тој период и сега, по сведочењето на Клапер, кај многумина во земјава пробудија лоши асоцијации и дилеми дали американските служби без никаква пристрасност ги анализираат реалните состојби на теренот или во прашање е нешто друго за што обичниот свет нема доволно информации.
(објавено во 75. број на неделникот „Република“, 7.02.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.