| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на „Резервен живот“ во Битола

rezerven zivot

Во понеделник, на 17 февруари, со почеток во 12 часот, во салата за промоции при НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола ќе се случи промоција на романот „Резервен живот“ на Лидија Димковска, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје. Поздравна реч ќе одржи Науме Ѓоргиевски, директорот на библиотеката, промотор на книгата ќе биде Милица Димитријовска-Радевска, а пред битолската книжевна публика ќе се обрати и авторката Лидија Димковска, која за овој роман ја доби престижната Награда за литература на Европската унија во ноември минатата година.

Настанот со свој настап ќе го збогатат и учениците од неколку основни училишта од Битола.

„Резервен живот“ е втор роман потпишан од Лидија Димковска, несомнено најсилниот творечки глас од генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите. Реткост е, не само кај нас, да се биде еднакво успешен и во поезијата, и во прозата, но таа реткост е правило кај Димковска, правило што го потврдува со секое свое објавување – таа е еднакво моќна во своите пет поетски  збирки (за чијашто вредност сведочат многубројните избори објавени во странство, и неколкуте високи меѓународни признанија), како и во романот „Скриена камера“ (за кој ја доби наградата „Стале Попов“ и е преведен на неколку јазици).
„Резервен живот“ е приказна за две сијамски близначки родени со споени глави, Злата и Сребра, и за нивната потрага по смислата на животот обележан од физичката мана во семејната и општествената средина на осаменост, другост и (не)прифатеност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top